Ако Орбан падне од власт, враќањето на демократијата во Унгарија не е загарантирано


Дури и ако Виктор Орбан ја загуби власта на изборите во Унгарија, враќањето на либералната демократија во земјата нема да биде ниту брзо ниту загарантирано, оценува „Гардијан“ во анализа објавена пред гласањето.

Според анализата, партијата Тиса на Петер Маѓар, дури и во случај на победа, би наследила држава во која клучните институции веќе долго време се обликувани според интересите на Фидес.

Главниот аргумент е дека во изминатите 16 години Орбан и неговата партија длабоко се вградиле во државниот апарат.

Без двотретинско мнозинство во парламентот, новата власт тешко би можела да ги менува уставните и институционалните механизми преку кои Фидес ја задржува контролата.

Во анализата како примери се посочуваат Уставниот суд, врховниот обвинител, медиумскиот регулатор и позицијата на претседателот, која може да го забави или блокира носењето закони.

Во текстот се нагласува и дека проблемот не е само во тоа кој ќе победи, туку и во условите под кои се одвива изборната трка.

„Гардијан“ посочува дека изборите во Унгарија се формално слободни, но не и целосно фер, поради изборни правила што ѝ одат во прилог на владејачката партија, прекроени изборни единици и сомнежи за притисоци и нерегуларности во посиромашните делови од земјата.

Дополнителен слој на неизвесност носи и самиот профил на Петер Маѓар.

Иако тој стана најсилниот предизвикувач на Орбан и води кампања фокусирана на корупцијата, здравството и образованието, анализата предупредува дека не треба автоматски да се третира како либерална алтернатива.

Според „Гардијан“, Маѓар задржува конзервативни позиции за дел од чувствителните општествени прашања, а неговата евентуална власт би можела да значи ограничено обновување на изборната демократија, но не и брза трансформација на целиот систем.

Во меѓувреме, актуелниот изборен контекст покажува колку трката е важна.

„Ројтерс“ деновиве објави проценка според која Тиса би можела дури и да освои двотретинско мнозинство, што би било пресврт без преседан по 16 години власт на Фидес, додека AP забележува дека Орбан и понатаму има силна поддршка во руралните средини и кај постарите гласачи.

0 comments 0

Back to top button
Close