Исламабад под силно обезбедување пред почетокот на американско-иранските преговори

– Безбедносните мерки во главниот град на Пакистан се подигнати на највисоко ниво во пресрет на планираните преговори меѓу претставници на Иран и на САД, со цел изнаоѓање решение за војната на Блискиот Исток.
Пакистан во изминатите месеци се етаблира како клучен посредник меѓу Техеран и Вашингтон.
Се очекува преговорите во Исламабад да започнат денеска со дискусии на експертско ниво, кои ќе служат како подлога за главната средба закажана за утре. Пакистанските власти најавија дека разговорите можат да продолжат и в недела, доколку биде потребно.
Илјадници припадници на полицијата, војската и паравоените сили се распоредени за обезбедување на преговорите. Владата прогласи неработен ден за да се ограничи движењето на граѓаните, а „црвената зона“, во која се наоѓаат владините згради и странските амбасади, е целосно блокирана.
Преговорите ќе се одвиваат во хотел со висок степен на безбедност, кој е испразнет од други гости. Истовремено, пакистанските власти ги олеснија визните процедури за влез на странските делегации и новинарските екипи кои ќе го следат овој настан.






