Поради „доверливи причини“, Нетанјаху бара нов термин за појавување пред судот во Ерусалим каде е обвинет за корупција

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара одложување на сведочењето во долготрајниот судски процес за корупција, што требаше да продолжи следната недела, наведувајќи ја како причина актуелната безбедносна ситуација во регионот.
Судењето на Нетанјаху требаше да продолжи в недела, по укинувањето на вонредната состојба во Израел која беше воведена поради војната со Иран.
Одбраната на премиерот поднесе барање до Окружниот суд во Ерусалим, во кое се наведува дека поради драматичните настани на Блискиот Исток, премиерот нема да може да сведочи најмалку во следните две недели.
– Поради доверливи безбедносни и дипломатски причини, премиерот е спречен да се појави во постапката – стои во поднесокот, кон кој е приложена и запечатена коверт-потврда со детално образложение за Судот.
Нетанјаху, кој е првиот израелски премиер обвинет за кривично дело додека е на функција, ги негира обвиненијата за поткуп, измама и злоупотреба на службената положба. Процесот започна во 2020 година, но постојано се одложува поради неговите државнички обврски и воените конфликти.






