Во Исламабад заврши првата фаза од директните преговори меѓу САД и Иран
Првата фаза од директните преговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, со посредство на Пакистан, заврши денеска во Исламабад, а делегациите разменуваат писмени предлози за усогласување на ставовите, јавува „Ал Џазира“.

Според извори на катарската телевизија, двете делегации во моментов разменуваат текстови за да ја потврдат согласноста за договорите постигнати во текот на денешните разговори. Извори блиски до иранската делегација наведоа дека нивното учество уследило по одлуката на САД да ги одмрзнат иранските средства, што беше клучено барање на Техеран. Вашингтон засега официјално не ги потврдил овие наводи, иако дел од локални медиуми јавија дека американски претставници ја демантирале информацијата.
Најголем напредок е постигнат во врска со израелските напади врз Либан, одмрзнувањето на имотот и деблокирањето на Ормуска Теснина за меѓународен сообраќај. Пакистанските дипломати вложуваат напори за продолжување на разговорите за уште еден ден со цел да се дојде до конечен договор.
Американската делегација е предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс и специјалните пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, додека иранската страна ја претставува претседателот на Парламентот, Мохамед Багер Калибаф.
Преговорите имаат за цел постигнување трајно мировно решение по воспоставениот двонеделен прекин на огнот.






