(Видео) Советот за безбедност на 1 март предвиде дека синагога во Македонија може да биде запалена
На 1 март годинава Советот за безбедност свикан од претседателката Гордана Силјановска Давкова предвиде дека синагогите и објектите на Еврејската заедница во Македонија може да се предмет на закана. Претседателката пред месец и половина по одржаниот состанок на Советот истакна:
Само уште една реченица. Веројатно знаете дека ширум светот определени објекти како синагоги или седишта на еврејската заедница или Музеј на холокаустот, како кај нас, може да бидат под закана. Затоа, треба да им се посвети посебна грижа и внимание. Добивме информации од надлежните дека ги следат овие процеси и дека се под заштита и контрола овие објекти, што значи не треба да очекуваме изненадување. Се разбира, мислам дека во вакви моменти најдобро е да ги кажеме општите констатации, бидејќи настаните се менуваат со голема брзина. Многу важно е тие да се следат и соодветно да се реагира. Во тоа можеби една од најважните улоги е вашата, новинарската, и јас мислам дека овие денови тоа се одвива како што треба.
Амбасадорката на Израел во Македонија, Вивијан Ајзен, вчера објави видеоснимка од обидот да се запали синагогата во Скопје.
Еврејската заедница во Македонија соопшти дека вчера имало обид да се запали нејзиниот објект и синагогата. Го осудуваат овој чин и апелираат до надлежните органи за целосно расветлување на случајот и доследна примена на законите, како и за гласна и обединета осуда од сите верски лидери, институции и граѓани.






