Сите јајца ги ставивме во корпата на Трамп, а тоа е лудост

Денко Малески

Писмата кои ги упатија челниците на ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ до „странскиот фактор“, обвинувајќи се едни другите, се доказ дека нешто не е во ред со размислувањата на нашите политичари. И дека тоа може да не вовлече во неволји. Зарем толку бргу заборавија на пораката на последниот американски амбасадор во Србија Кристофер Хил кој го огласи крајот на „американската ера“ на Балканот.

Досега одевте во Вашингтон за решавање на вашите проблеми, им рече во прошталната порака на политичарите од регионот, отсега сами ќе мора да си ги решавата вашите проблеми. Тој, ќе се согласите, би требало да знае. Еве, сега сме со Америка и пак не критикува опозицијата, ќе изјави премиерот Мицковски. Но, со која Америка? Ова е друга Америка зашто ова е друг свет. На онаа Америка, сите ние во Европа, гоеми и мали, и бевме среќни вазали зашто се грижеше за нас, на оваа Америка не и е гајле дали сме живи или мртви. Имено, проектот наречен свет на либерални демократии под хегемонија на САД заврши, онака како што секнаа фондовите за „невладините“. Сега Македонија може да биде што сака – демократија или диктатура. За кој од овие два облици на политичко владеење имаме талент, знаете и сами. Но, ако во недостиг на талент за демократски дијалог на мирно прилагодување на интересите во земјата или сако во односите со други држави и сојузи, партиите предизвикаат криза, никој нема да ни дојде на помош додека не го пресмета сопствениот интерес. Оттаму, пораката на Хил важи и денес а таа гласи: решавајте си ги сами вашите проблеми, домашни, со соседите и со сојузот на кој сакате да му припаѓате.

Да си непријател на Америка е опасно, но да си пријател може да биде фатално, вели поговорката која наводно ја кажал Хенри Кисинџер. На примерот на други држави, со оваа администрација во Вашингтон, ова станува се поочигледно. Да не сакаме и нам да ни се случи „фаталното“ за да поверуваме? Помпезната од наша страна и незабележаната од американска, посета на еден куп министри на „Стратешки дијалог“ со Вашингтон имаше за цел да покаже дека Америка стои зад нашата политика. И стои, ама на еден сосема поинаков начин од сите поранешни администрации: ништо не бара од нашата влада. Ама и ништо не дава. Да се фали министерот за внатрешни работи дека добил еден и половина милион долари во поддршка на министерството, е како сиромав човек да се фали дека богатиот пријател му дал петнаесет денари. Без претерување.Помогнете ни така што никогаш повеќе нема да ни треба помош, вака некако Черчил им се обратил на Американците после Втората светска војна. Ние, после 35 години незавиност, станавме зависници од помош и не ни е срам.

Немам кристална топка за да ја видам иднината на нашата држава. Но едно знам: со „крајот на американската ера“, ако се најдеме во криза, самите ќе мора да се вадиме од неа. А зошто би западнале во криза? Затоа што не сме членка на ЕУ и сите јајца сме ги ставиле во една корпа – онаа на Трамп.

 

Back to top button
Close