Велигден и духот на нашето мрачно време
Славиме Велигден во свет што трепери постојано од страв пред налудничавоста на светските моќници. Славиме Велигден со црвени јајца, кои се симбол на Христовата победа на животот над смртта – на Воскресението, во свет во кој владетелите на најголемите воени сили се чинат како да се фасцинирани токму од смртта, од убивањето невини луѓе, од уништувањето на цели цивилизации. Никогаш досега не се чинеше толку реална можноста за нуклерана војна. Од друга страна, најновата сателитска техника ни испорачува се‘ појасни слики за убавината на нашата планета Земја, погледната од Месечината. За миг ни станува јасно дека сиот космос е неверојатна убавина и совршенство. Помислуваме во истиот миг дека лудоста на светските моќници сигурно би морала да ги убеди и најтврдите атеисти дека само милостивиот Бог ја чува оваа хармонија во својата рака од самодеструктивноста на човекот. Секој нормален човек се прашува секојдневно што е пострашно за мирот во светот – лудоста или злобата? Најстрашни се очигледно времињата кога политичарите, кои ја поседуваат најголемата моќ во светот, мислат дека се семоќни поради сопствената неограничена лудост и неограничена злоба. Тоа е духот на нашето време – неограничена желба за моќ на лудите и злите.

Духот на нашето време е лош филм
Папата Лав 14, пред една недела во Рим, на Велигден, во прочуената порака со благослов за „градот и светот”(Urbis et Orbi) ги предупреди моќните политичари да прекинат да се доживуваат себеси како богови, да прават идол од парите и да демонстрираат сила. На ваквото однесување на државниците на големите сили, кои во последните години започнаа војни како израз на нивната желба да ја покажат сопствената „фантазија на семоќ”, Папата одговори укажувајќи дека вистинската сила се покажува во служењето на животот. „Tој што има оружје во раката, нека го положи на земјата. Тој што има моќ да започне војни, нека се одлучи за мирот.Не за мир што се постигнува со насилство, туку со дијалог.”
Оштетена станбена зграда во украинскиот град СумиОштетена станбена зграда во украинскиот град Суми
Разурнувања во станбена населба во украинскиот град Суми: Две православни земји, Русија и Украина се наоѓаат во војна веќе петта година.Фотографија: Francisco Richart Barbeira/NurPhoto/picture alliance
Се разбира, предупредувањето на Папата нема моќ да ги „потресе” тие на кои им е упатено. Но, неговите зборови ни покажуваат уште поболно колку сме далеку од тоа време во кое сите верувавме дека војните се минато, особено во Европа. Рубиконот беше преминат со воената агресија на Русија во Украина. Оттогаш нештата се развиваат со молскавична брзина, но според најлошото сценарио. Духот на нашето време е лош филм по сценарио на потпросечен холивудски сценарист, но со аматерски и налудничави артисти, кои се многу опасни зашто не разликуваат фикција и реалност.
Каде е духот на христијанската љубов?
Ние, православните народи, го славиме Велигден една недела подоцна од останатите христијани. Духот на времето, а со тоа и грижата за состојбата во светот, е иста како и кај другите христијани, но, сепак, ретки се пораките од православните црковни поглавари кои јасно говорат против војната и против служењето на идолите на политичката моќ и на парите во своите земји. Две православни земји, Русија и Украина се наоѓаат во војна веќе петта година. И покрај навестеното примирје од 32 часа, оружјето сепак не мируваше ниту за време на Велигденските празници. Двете страни си префрлуваат дека не се придржувале за договорениот мир за Велигден. Додека си честитаме Велигден, ретко ни станува јасно дека, всушност, вистинските христијани не смеат да го прифатат како нормален фактот дека не можат да престанат да пукаат едни во други ниту 32 часа. Каде е духот на христијанската љубов? Бидејќи христијаните би требало да се доживуваат како браќа и сестри во Христа.
Меѓутоа, токму заборавањето на суштината на христијанството е ефектот на злото и на војната, кои еден ден стануваат нормалност, затоа што нашата шокираност од нив почнува да се намалува и ние ненормалното – убивањето и уништувањето – го прифаќаме како факт посилен од желбата за мир, посилен од христијанската љубов. Христијаните во Христа станаа нов народ, Божји народ. Нив повеќе не би требало да ги определува крвната, националната, етничката припадност, туку припадноста на Христовата црква.Но со нашата вљубеност во величината само на својот народ, само на својата земја, само на својата историја ја претворивме и црквата во национално гето. Затоа веќе пет години православните христијани во Русија и во Украина се убиваат едни со други и, во исто време, си честитаат, секој на својата страна на фронтот, во својата земја, со велигденскиот поздрав на радоста: „Христос воскресна!” И не се прегрнуваат како браќа во Христа, затоа што нивните моќни политичари, но и црковни поглавари, се потрудија меѓу нив да има воен фронт – поле на смртта и на уништувањето. Радоста за Христовото Воскресение и понатаму на Велигден ги исполнува нашите срца, но денес со тоа станува посилна и болката поради лудилото во светот.(dw)
Кица Колбе






