Смилковски: Имаме меч топка на домашен терен

Екипата на ТФТ, македонскиот претставник во АБА 2 лигата утре го игра вториот натпревар од полуфиналето на плеј офот во ова натпреварување. ТФТ е домаќин на Сутјеска од Никшиќ, а македонскиот тим води со 1-0 во победи откако првиот дуел постигнаа победа од 93:88 на гостински терен.
– Имаме меч топка на домашен терен. Играме против искусна екипа, квалитетна предводена од тренер, кој има многу вакви натпревари. Треба да останеме мирни. Со правилен пристап и дисциплина во играта ќе го дадеме нашиот максимум. Веруваме во себе и во позитивен резултат во овој историски натпревар за нас и за Тафта, изјави тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
Македонскиот репрезентативец во редовите на ТФТ, Виктор Ташовски истакна:
– Го добивме првиот дуел во Никшиќ, таму одигравме одличен натпревар. Но, ништо не е готово и знаеме дека треба да одиграме уште еден натпревар подобро со многу концентрација и смиреност. Очекуваме полна сала, добра атмосфера и на тој начин да избориме финале.
Натпреварот ТФТ – Сутјеска се игра во среда со почеток во 18 часот во салата „Лазар Лечиќ“ (поранешен Градски парк).






