Би-би-си планира да отпушти 2.000 вработени за да ги намали трошоците во следните две години

Британскиот јавен сервис Би-би-си денеска објави дека планира да отпушти до 2.000 работни места со цел да го намали својот годишен буџет за 10 проценти во следните две години, или за 500 милиони фунти.

 

Американските медиуми пренесуваат дека најавените отпуштања, објавени за време на состанокот со вработените, се најголемите за повеќе од една деценија во оваа национална медиумска куќа на Велика Британија.

 

„Знам дека ова предизвикува вистинска неизвесност, но сакавме да бидеме отворени за предизвиците“, изјави вршителот на должноста извршен директор Родри Талфан Дејвис во е-пошта до вработените.

 

Дејвис рече дека намалувањата се должат на инфлацијата, притисоците врз приходите од претплати и комерцијалните извори, како и нестабилната глобална економија.

 

Би-би-си претходно оваа година соопшти дека се соочува со значителни финансиски притисоци и планира да го намали својот буџет за околу една десетина до 2029 година, а најголемиот дел од намалувањата ќе бидат спроведени во следната финансиска година, почнувајќи од 1 април 2027 година.

 

Намалувањата доаѓаат во време кога поранешниот извршен директор на Гугл, Мет Бритин, треба да ја преземе функцијата извршен директор следниот месец.

 

Тој ќе го пополни слободното место откако Тим Дејви и директорката за вести Дебора Тернес поднесоа оставки поради погрешно уредување во документарецот за говорот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на 6 јануари 2021 година, пред неговите поддржувачи да го нападнат Капитол.

 

Трамп ја тужи Би-би-си за клевета и бара отштета од 10 милијарди долари.

 

Би-би-си се финансира од годишна претплата, неодамна зголемена на 180 фунти (225 евра), која ја плаќаат сите домаќинства во Велика Британија кои гледаат телевизија во живо или содржини од Би-би-си.

 

Противниците на претплатите, вклучувајќи ги и комерцијалните радиодифузери, се сè погласни во ерата на дигитален стриминг, кога многумина веќе не поседуваат телевизори или не гледаат традиционални телевизиски програми.

 

Британската влада вети дека ќе обезбеди „одржливо и фер“ финансирање за Би-би-си, но не ја исклучи можноста за замена на претплатата со друг модел.

 

Би-Би-Си е основана во 1922 година како радио услуга со цел „информирање, едукација и забава“.

 

Денеска, таа управува со 15 национални и регионални телевизиски канали во Велика Британија, неколку меѓународни канали, 10 национални радио станици, десетици локални станици, глобалната радио услуга World Service, како и развиени дигитални платформи, вклучувајќи ја и услугата за стриминг iPlayer

Back to top button
Close