Мерц: Германија би можела да испрати миноловци во Ормуската Теснина

По завршувањето на борбите во Иран, Германија би можела да испрати миноловци за да помогне во обезбедувањето на Ормуската Теснина, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе ДПА.

 

Во пресрет на утрешната видеоконференција на високо ниво посветена на ситуацијата околу Ормуската Теснина, тој изјави дека Германија би можела да распореди и брод за придружба и извидувачки авион, пренесува Билд.

 

Меѓутоа, тој додаде дека конечната одлука сè уште не е донесена.

 

„Ја координирав оваа позиција во рамките на федералната влада. Сепак, тоа зависи од мандатот на ОН, одлуката на кабинетот и одобрението на Бундестагот. Сè уште сме далеку од тоа“, рече Мерц.

 

Владини извори претходно за „Зидојче Цајтунг“ наведоа дека Германија би можела да учествува во обезбедувањето на Ормуската Теснина со бродови за деминирање MJ332, и дека за оваа цел би можела да се користи поморската логистичка база во Џибути, во Источна Африка.

 

На состанокот во Париз, со кој утре ќе копретседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, ќе се разговара и за тоа дали американските трупи треба да бидат вклучени во потенцијална мисија во Ормуската Теснина по прекинот на огнот.

 

Кабинетот на францускиот претседател соопшти дека целта на состанокот е да се соберат „невоинствените земји“ подготвени да придонесат за „чисто одбранбена мисија“.

 

Мореузот, што е клучен пат за глобалните испораки на нафта и гас, е во голема мера затворен од почетокот на американско-израелската војна против Иран.

Back to top button
Close