Ѓаволот дојде по своите!

Мерсел Биљали

„Оние кои гледаат кон минатото, ѝ вртат грб на иднината“ – рекол големиот aмерикански државник Џон Ф. Кенеди.

Татарскиот емир, Тимур (1360–1405), кoj бил еден од најбруталните освојувачи во историјата, создал една од најголемите империи на планетата. Тој е погребан во мавзолеј во Самарканд, во денешен Узбекистан. На неговиот надгробен споменик пишува: „Проколната војна ќе започне за оние што ќе го отворат овој гроб“. Над 500 години никој не се осмелил да го стори тоа, сè до 1941 година кога суеверниот Сталин, кој бил импресиониран од Тимур, наредил гробот да се отвори и останките да се донесат во Москва. И сето тоа да се сними на камера. По три дена откако Тимур бил префрлен во Москва, Хитлер ја нападнал Русија, иако двете земји биле сојузници. Следела една од најкрвавите војни во историјата. Малик Кајумов, кој бил задолжен да го сними целиот процес за Тимур, чудесно како не успеал да сними ништо! По две години, Кајумов, преку некои генерали му сугерирал на Сталин да ги врати останките таму каде што биле. Сталин, доста суеверен, држејќи се за сламка, со цел да го сврти текот на војната со Хитлер, го послушал. Чудесно, од тој момент па натаму, војната зеде позитивен пресврт за Русија.

И ние сме сведоци на „дарвинистичка“ борба за живот и смрт меѓу видовите, каде што послабите исчезнуваат. Преживуваат само најсилните и тие кои најдобро реагираат на промените. А нашата земја се чини дека е заразена од ментална чума бидејќи и по 35 години независност, сè уште не го оправдала постоењето. Позитивните цели не се постигнуваат со негативни мисли. Од лажното светло минато создадовме празна сегашност и темна иднина! Западњаците велат дека нашата власт го поддржува „српскиот свет“, како имитација на „рускиот свет“ (од Јужна Осетија, Абхазија, Крим, Приднестровие, па сè до Донбас), градејќи своја лажна среќа врз туѓа несреќа. Популизам базиран на жалење за минатото, „грижа“ за сегашноста и незнаење за иднината. Така сите тонеме, а животот не е за тонење, туку за пливање.

По Украина и Газа, меѓународниот поредок е тешко ранет, а со Иран падна во кома, бидејќи го водат лидери кои не знаат дека најголемиот непријател на вистината не е голата лага, туку лажниот мит што се продава како „вистина“. Нема повеќе ООН, нема Совет за безбедност, нема Повелба на ООН! Ама има катастрофа за сите.

Ние со ајатоласите?!

Орбановата политичка хаварија ја прекина алката на руското влијание во Европа. Потребни се многу лопати за да се закопа неговата „вистина“! Вучиќ без Орбан е како осамено дрво без корења, а ние сме само дрво. Путин на време ја прочита лагата на Вучиќ, лицемерие што мери сè друго освен лицето. Рускиот филозоф Александар Дугин (близок до Путин), кажа дека „Вучиќ го изгубил легитимитетот, и дека сите Срби сакаат тој да си оди“. А тој се фали дека „ја победил обоената револуција“! Но, младите се свесни дека „водач“ кој гради ѕидови околу својата нација наместо мостови, тoj гради колективен народен затвор.

А за нас, геополитиката е „шпанско село“. Не разбираме дека „царот“ Вучиќ не нè поканува во својата „пештера“ за да нè круниса (како во приказната за магарето и лавот), туку за да нè стави на менито. А Дугин (наречен „мозокот на Путин“), Македонија ја гледа на трпеза. Ама сепак нашата власт продолжува со логиката на мажјакот на „црна вдовица“, и не сфаќајќи дека „српскиот свет“ за Македонија е поопасен од „руски рулет“. Упатените знаат дека откако ќе се одврзе иранскиот јазол, и по есенските среднорочни избори, САД ќе бидат принудени да се свртат кон НАТО и ЕУ, а Трамп ќе мора да се задоволи со улогата на „англиска кралица“. И тоа само ако има среќа, оти таа ќе му биде потребна. А среќата ќе им треба и на нашите водачи кои одбиваат имплементирање европски договор за уставни измени, престројувајќи се кон логиката или имагинацијата на иранските ајатоласи. Не знаејќи дека логиката те однесува таму каде што треба, а имагинацијата таму каде што мечташ.

Не знаеме економија!

Во западноевропските земји, во просек, еден вработен во јавниот сектор е покриен со седум вработени во економијата, а овде, невидено чудо, еден со двајца! Тоа е благодет на тоталната партизација на државата и класичен пример за тоа како да се убие иднината. Ова значи дополнителни милијарда евра годишно фрлени во корпата за вишок партиски работници, честопати вработени фиктивно по институции, разни одбори со секакви имиња! Башка што таа милијарда би се удвоила доколку се инвестира во економијата. Тоа се две милијарди евра фрлени во ветер секоја година. Тие пари би создале нова материјална вредност и нови даноци. Она што го имаме сега, во нормален свет првин би се лекувало во психијатриски установи, а потоа во затвори. Потребно е вистински лидеризам штој ќе ја обедини државата и што ќе воспостави мериторни критериуми. Поинаку, сите ќе завршиме во западниот свет, а тука ќе дојдат други народи на кои нема да ич нема да им „пречат“ Бугарите.

„Среќни народи се оние кои имаат здодевна историја“ – вели Монтескје. Едноставно, ништо во животот не треба да плаши. Работите треба само да се разберат за никој да не се плаши. Освен ако зад стравот не стојат други цели. Но, чудно како нашата најнова историја и политика не гледала никаков ризик кај најкриминална приватизација низ историјата, која создаде група мега-криминалци, кои продолжуваат да плашат со измислен страв. А краткото памтење на таквото зло дури му дава убав прекар – „Папата“! И да не се чудиме што злото тука има гнездо. Таа е патрон на целата економија. Тие се овдешни ѕвезди кои мразат ЕУ- ѕвездички! Затоа нашата младина бега, луѓето ни горат по автобуси, по дискотеки, по барки, во лажни модуларни болници… И никој не одговара! Дури таквите патрони се преправаат дека им е грижа за историјата, за јазикот, за идентитетот! Многумина од нив имаат омилен прекар – олигарси, на кои политичарите им седат во скут! Ѓаволот дојде по своето затоа што ние не тргнавме по нашето.

Сепак, нешто дефинитивно се готви. Особено сега кога се во игра лопатите. Колку е поголема лопатата, толку е помал моралот. Ни ја закопаа иднината со такви лопати.

 

 

 

 

Back to top button
Close