Напад во Вашингтон: Администрацијата на нишан?

По вооружениот напад за време на гала-вечерата со американскиот претседател Трамп, станаа познати детали за осомничениот извршител. Тој објавувал бројни анти‑Трамп пораки на социјалните мрежи.
Доналд Трамп сакаше да испрати порака. Затоа американскиот претседател реши што е можно побрзо по инцидентот да се појави пред медиумите – знак на решителност дека нацијата нема да дозволи насилниците да ја заплашат. Гала-вечерата, според Трамп, била настан посветен на слободата на говорот, кој требало да ги обедини членовите на двете партии со претставници на медиумите во САД. И во одредена смисла, тоа и успеало. „Видов сала која беше едноставно целосно обединета.“, изјави Трамп на прес-конференција.
Демонстративно непоколеблив
Претседателот се покажа невообичаено помирлив. Се воздржа од прерани обвинувања. Иако ова можеби е веќе трет обид за атентат врз него, претседателот демонстративно се прикажа како непоколеблив.
„Ова е опасна професија“, признава Трамп. Но тој не гледа така на тоа. Тој е тука, рече Трамп, за да си ја извршува работата. „Не можам да замислам дека постои професија што е поопасна. Но ја сакам земјата и многу сум горд на она што го правиме.“, изјави претседателот.
„Сите едноставно скокнаа под една маса“
Годишната вечера на Здружението на дописници од Белата куќа (White House Correspondents’ Association) е еден од општествените зенити во Вашингтон. Во балската сала на голем хотел беа собрани повеќе од 2.000 луѓе – повеќето новинари, а покрај Трамп и потпретседателот Венс и неколку министри.
Трамп требаше да одржи говор. Она што потоа се случи, подоцна го опиша очевидец:
„Седевме таму и одеднаш слушнавме неколку гласни истрели, и на почетокот беше тешко да се каже што се случува. Но потоа голем број луѓе втрчаа во салата и видовме како сите беа изнесени надвор – Доналд Трамп прв. Тогаш прилично, прилично брзо ни стана јасно што се случува. И сите околу мене едноставно скокнаа под една маса.“

Сторителот жестоко го напаѓал Трамп на социјалните мрежи
Инцидентот се случил надвор, пред балската сала. Во зоната кај металните детектори, еден маж одеднаш отворил оган. Полицајците брзо успеале да го совладаат. Еден припадник на Тајната служба бил погоден во градите и бил пренесен во болница. Бидејќи носел заштитен елек, очигледно поминал без сериозни повреди.
Американските медиуми јавуваат дека напаѓачпт, 31‑годишен маж од Калифорнија, неколку минути пред гала‑вечерата им испратил на членови на семејството текстови во кои жестоко ја критикувал политиката на администрацијата на Трамп. Неговиот брат потоа веднаш ја известил полицијата. Истовремено, истражителите наишле на бројни анти‑Трамп пораки на стрелецот на социјалните мрежи.
Слично претходно изјавил и претседателот Трамп во телевизиско интервју. Покрај тоа, мажот напишал и антихристијански манифест, изјави претседателот.
Дебата за безбедносните мерки
Американскиот министер за правда, Тод Бланш, зборуваше на телевизијата Си-Ен-Ен за текот на истрагата: „Според нашите прелиминарни истражни постапки, изгледа дека осомничениот ги имал на нишан членовите на администрацијата.“

Според изјавите на Бланш, Ален веројатно патувал со воз од Лос Анџелес преку Чикаго до Вашингтон. Таму се сместил во хотелот каде што се одржувал настанот, еден ден пред вечерата.
Сега во фокусот веројатно ќе дојде и прашањето дали безбедносните мерки на местото на настанот биле доволни. Министерот за правда зборува за „огромен успех на безбедносните сили“. Осомничениот едвај го пробил безбедносниот периметар и веднаш бил совладан.
Како и да е: веќе денеска Тајната служба ја очекува следниот безбедносен предизвик. Тогаш во Вашингтон пристигнуваат британскиот крал Чарлс III и кралицата Камила.
Автор на текстот: Карстен Кинтоп, АРД, Вашингтон






