Историска средба на поглаварот на Римокатоличката црква со надбискупката на Кантербери

Папата Лав XIV денеска во Ватикан се сретна Сара Малели, надбискупката на Кантербери, и вети дека ќе работи на надминување на разликите меѓу нивните цркви „без оглед на тоа колку изгледаат нерешливи“.
Ова е историска средба на поглаварот на Римокатоличката црква со првата жена која е шеф на Англиканската црква и духовна предводничка на светската заедница на англикански верници.
Таквата средба би била незамислива пред само неколку години, со оглед на поделбите меѓу тие две цркви околу ракополагањето на жените, а особено околу именувањето на Малели.
Малели, на која ова ѝ е прва посета во странство откако беше поставена минатиот месец и чие именување дополнително ја подели и онака поделената англиканска заедница, му се заблагодари на папата што ја пречекал. Именувањето на Малели за надбискупка ја подели Англиканската заедница, чии 100 милиони членови во 165 земји во светот се длабоко поделени за улогата на жените во црквата и третманот на ЛГБТ+ лицата.
Англиканците се одвоиле од Рим во 1534 година, кога на англискиот крал Хенри VIII му било одбиено поништување на бракот. И покрај формалниот теолошки дијалог кој почна во 1960-тите години, остануваат големи разлики меѓу нив, особено околу одлуката на Англиканската црква да ракополага жени, додека Римокатоличката црква свештенството го резервира за мажи.
Лав го цитираше покојниот папа Франциск кој на англиканските примати им рече дека „би било скандал ако, поради нашите поделби, не го исполниме нашиот заеднички повик да Го обзнаниме Христа“, на што додаде дека „исто така би било скандал ако не продолжиме да работиме на надминување на нашите разлики, без оглед на тоа колку тие изгледаат нерешливи“.
Малели рече дека и таа и папата се повикани да го проповедаат Евангелието „со обновена јасност“ и дека „соочени со нечовечко насилство, длабоки поделби и брзи општествени промени, мораме постојано да ја раскажуваме приказната која е надеж: дека секој човечки живот има бесконечна вредност бидејќи сме скапоцени деца Божји; дека човечкото семејство е повикано да живее како сестри и браќа“.
– Затоа мораме заедно да работиме за општото добро секогаш градејќи мостови, никогаш ѕидови – изјави таа.
Малели изрази солидарност со мировната порака на папата Лав, кого претседателот на САД, Доналд Трамп, остро го критикуваше поради неговите повици за мир во Иран.
Претходниот папа Франциск се состануваше со жени христијански бискупи и надбискупи: во 2015 година се состана со надбискупката Антие Џеклен, првата жена на чело на Лутеранската црква на Шведска, а во 2024 година за улогата на жените во Католичката црква разговараше со англиканската бискупка Џо Бејли Велс.






