Ќе се затвори и чекалната во ЕУ
Денко Малески
Со години се жалевме на фактот дека сме во чекалната на ЕУ. Доколку ја пропуштиме приликата да се приклучиме на најавеното проширување со Црна Гора и Албанија, а таквиот исход станува се поизвесен, за некоја година, ќе се најдеме надвор и од чекалната. Имено, додека ние се мислиме и премислуваме, светот се смени. ЕУ, која,во иднина, ќе биде преокупирана со својата безбедносна дилема, ќе ја затвори и чекалната па ке се најдеме во некој ходник со многу врати.

Американскиот потсекретар за војна Елбриџ Колби некни повтори дека европејците се доволно богати самите да се одбранат од Русија, дека Европа треба да ја превземе одговорноста за одбрана на континентот и дека улогата на Америка може да биде само во форма на поддршка а не и доминантна, како досега. Американската воена моќ се сели кон Азија, го сакала тоа Европа или не. Европа не може да очекува дека Америка и натаму ќе биде нејзиниот краен безбедносен гарантор.
Актуелното раководство на Унијата е нашата единствена „гаранција“за некаков пробив, зашто гарнитурата што ќе следи, после изборите во Германија и во Франција, ќе има поинаков пристап кон проширyвањето. Под услов, Германија и Франција, предводени од националистичката десница, да не тргнат секоја во своја насока и под услов ЕУ да опстане. Заради актуелните меѓународни настани и променетите евро-атлантски односи нема гаранции дека брз пат до членство е воопшто возможен дури и ако ги извршиме уставните промени, но барем имаме некаква шанса. И да бидеме благодарни за тоа зашто шанса е она што може да добиете во меѓународната политика. Спремно ли е нашето политичко раководство да го земе на себе тој ризик? Не. Зашто не само што одбива да ризикува туку бара гаранции дека нема да имаме пречки од билатерален карактер.
Она што денес може да се гарантира е дека ЕУ ќе мора да направи нова фундаментална проценка на својата глобална безбедносна состојба и, во тој контекст, да ја напушти зависноста од Америка. Безбедносното прашање на Европа ќе биде доминантната тема во годините што следат. Пред се вооружувањето на Германија и нуклеарното оружје на Франција и Велика Британија, ставени во контекстот на европската безбедност. Кај нас владее убедувањето дека приматот на безбедносната тема за Европа, ја зголемува нашата цена. Тоа може да биде така, ама на крајот од приказната, откога ќе се решат колосалните безбедносни прашања со кои се соочува ЕУ која е денес во војна со Русија. Дотогаш, акцентот ќе се става врз единството на сојузот и пресудната улога на големите сили како Германија и Франција во формулирањето на безбедносните решенија.
Од огромно значење за Македонија би било да сме на масата кога ќе се редефинираат односите во ЕУ и ќе се гради новата безбедносна структура на Европа. Такви амбиции, за жал, нема нашето актуелно раководство. Се заплеткавме одново во грчкото сценарио, само што сега е бугарско. Да си свесен дека историјата ти ја доделила картата да го решиш македонско-бугарскиот спор и да бегаш од темата поставувајќи му услови на „оној што го молиш“, значи дека освен власта ништо друго не те интересира.






