Бум во Е-трговијата: Странците во Македонија потрошиле 52 милиони евра онлајн, рекорден раст од 40 отсто
Странските иматели на платежни картички во текот на 2025 година потрошиле 52 милиони евра за купување производи и услуги од македонски е-трговци. Ова претставува огромен пораст од 40,4 отсто во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Народната банка пренесени од Асоцијацијата за е-трговија (АТЕМ).

Вкупната вредност е остварена преку 2,3 милиони трансакции, што е за речиси 40 проценти повеќе во однос на 2024 година. Најголем дел од прометот, односно 14 отсто (7,3 милиони евра), доаѓа од картички издадени во САД.
Потоа следат купувачите од Швајцарија со 5 милиони евра и Германија со 3,6 милиони евра. На листата се наоѓаат и Турција, Ирска, Бугарија, Велика Британија и Србија. Најголем скок на вредноста на трансакциите од дури 94,4 отсто е забележан кај картичките од Турција.
Претседателката на АТЕМ, Нина Ангеловска Станков, посочува дека податоците го потврдуваат стабилниот раст на овој сектор.
„Податоците покажуваат дека македонската е-трговија станува сè поатрактивна и за странските купувачи, со значителен раст и во вредноста и во бројот на трансакции. Ова укажува на стабилен и паралелен раст, што значи дека зголемувањето не се должи само на поголеми износи, туку и на зголемена активност на странските купувачи“, изјави Ангеловска Станков.
Според неа, македонската е-трговија постепено се интегрира во меѓународните текови, привлекувајќи купувачи од различни пазари






