Малта и Матка
Малта и Матка -две приказни и две судбини
Трифун Костовски
Почитувани пријатели, инспириран од државата Малта, членка на ЕУ и целосно независна држава од 1974 година, добив мотив да ја споредам со саканата Македонија. Како една мала островска земја, сместена во пазувите на Средоземното Море и дел од колонијалната Англија, успева да се избори за своја независност! Денес, за само 50 години независност, Малта е туристичка атракција и посакувана дестинација за прием на работна сила со несогледливи бројки.

Нејзините примамлива природа и богатата историја влијаеле врз населувањето. Малта е држава која брои половина милион жители, додека бројката повеќе од 350.000 странци вработени во државата е евидентен доказ дека оваа мала државичка има визија за својата иднина.
Малта е пример како малите стануваат големи, а големите исчезнуваат.
Држава која од нашата Македонија територијално е помала повеќе од 80 пати, промовира невиден напредок во сите области кои имаат привилегија од географската поставеност, клима и функционален систем кој претставува столб на еден фундаментален британски приод за водење на држава.
Светот треба да знае дека сите некогашни Англиски колонии денес се најпросперитетните држави на целиот континент.
Географската поставеност на Малта е на блиску 20 милји оддалеченост од Сицилија, денешна Италија и од Северно Африканската држава Тунис.
Сицилија, длабоко закопана во минатото, сѐ уште се бори за својот напредок покажувајќи многу позитивни резултати. По мое лично видување, државата Малта има силно влијание врз економскиот развој на Сицилија, а северно-африканската држава Тунис денес е една од најнапредните држави во Медитеранот. Уверен сум дека и тие учат од Малтежаните.
Оваа мала државичка која светот ја препознава уште од 15 век, успеа да со изгради неприкосновена историја на која го надградува туризмот- гранка број еден во оваа земја.
Ако некој сака да научи за крстоносците кои што биле силна воена организација меѓу 12 и 15 век, поддржана од Ватикан, кои сакале да го ослободат Ерусалим од муслиманите или така наречени еретици, најмногу може да дознае од видливите споменици од тоа време кои денес Малта ги негува како силно историско наследство .
Малтежаните се горди што во 16 век успеале да се одбранат од тогаш силната Отоманска империја.
Почитувани читатели, Малта и Малтежаните се прекрасни. Горд народ за кои сум убеден дека се на вистинскиот пат оваа држава да ја претворат во вистински рај во епицентарот на Средоземното Море.
При сите мои патувања низ светот секогаш се трудам да направам компарација меѓу мојата Македонија и земјата која сум ја посетил. Гледам како Малта ја гради својата иднина, додека Македонија ја губи својата.
Нашата Македонија која се појавува како држава пред повеќе од 3000 години, со невидено богата историја уште од античките времиња па сѐ до денес, имам чувство дека талка на својот пат кон креирање иднина за сопствените граѓани.
Повеќе од 80 години сме самостојна држава. За жал, не успеваме да создаваме цврст темел за развој на сите сфери од нашиот живот кои ќе го импресионираат надворешниот свет. А имаме толку убава и раскошни природа. Имаме сѐ, а како да немаме ништо. Тоа е наша трагедија. Жална ни е Македонија.
Создадовме политички систем кој ги покажа најтемните страни за опстанок на државата и за безидејноста околу иднината на сопствените граѓани.
Немаме стабилна економска визија за просперитетен развој на Македонија.
Наместо да го развиваме тоа што ни го дала природата и сопственото искуство, земјоделство и сточарство, кај нас се трошат време и пари за привлекување на странски инвеститори кои во базичниот економски развој на државата немаат никакво учество. Тоа се само модерни номади кои водени од сопствениот профит се селат насекаде низ светот.
Туризмот како една водечка гранка во денешниот реален свет ни стагнира, а имаме што да понудиме: прекрасна природа, езера, планини и богата, ненашминкана и неоформена историја по модерните стандарди , кои денеска светот ги препознава. Сопствената богата историја не е доволна ако не умееме да ја просветлиме, покажеме низ светот.
Ќе споменам само два примери кои ја отсликуваат нашата ограничена реалност.
Покојниот академик Цветан Грозданов, врвен византолог, со својот колега од Белгија издава печатено дело со слики од црквата во Курбиново. Овие изданија се публикуваа во 500 примероци на македонски јазик и 1000 примероци на француски јазик.
Печатените дела на македонски јазик сѐ уште стојат во фиоките на државните институции или пак во подрумите на МАНУ. Колегата Цветан Грозданов од Белгија отпечатува веќе 15то издание од 1000 примероци кои се распродаваат во Белгија и Франција.
Со фрескоживописот на Црквата ,,Свети Ѓорѓи” во Курбиново прв пат во православието се појавува „Белиот ангел„ и прв пат е олицетворена иконата на Свети Ѓорѓи.
Оваа црква е изградена во 1191 година. Основно прашање на секој наш сограѓанин христијанин е што знаеме за оваа црква и дали некогаш сме отишле да ја посетиме.
Почитувани читатели, сметам дека системот треба да нѐ подучи нас граѓаните како и колку ќе го негуваме нашето културно наследство. Културното богатство на Македонија како да ни е товар наместо иднина.
Целиот преспански регион има идентична христијанска митологија како и целиот Охрид. Од неразбирливи причини преспанското културно наследство е длабоко закопано меѓу нас граѓаните, токму поради водечките институции во нашата држава.
Вториот пример е кањонот Матка. Во времето на мојот градоначалнички мандат од 2005-2009 години се разви во мене идеја како кањонот Матка да биде сериозна туристичка атракција која ќе му понуди на секој турист прекрасни флора и фауна, уникатни за овој кањон, како и уникатното културно наследство во христијанството.
Пред крајот на мојот мандат добив информации дека во кањонот Матка има 11 манастири и 64 урнисани манастири чии темели и денес се видливи.
За мене кањонот Матка може да биде нова „Света гора” во православието. Предложив на МПЦ и тогашните институции во државата возобновување на сите манастири во овој кањон, додатна едукација на богословскиот факултет и МАНУ кој ќе направи вистинска, прекрасна историска приказна за сиот овој живот кој несомнено бил реалност на нашите предци на овие простори. Со Архитектонскиот факултет комунициравме за креирање на силна инфраструктура од жичарници, мостови и патишта што ќе овозможат секој посетител да биде достоинствено пречекан и запознаен со нашата богата историја. Дополнителна на тоа да се воведе и систем за заштита на целата флора и фауна во овој кањон.
Мојот мандат заврши, мојата идеја за кањонот Матка остана во мојата издадена „Бела книга” која за жал беше веднаш уништена од моите наследници.
Јавноста мора да биде свесна дека без јасна визија и идеи како треба да се креира нашата иднина, осудени сме на човечка голгота.
Коленичење и питачење не ни требаат, мора да ги пресечеме еднаш за секогаш со враќање на нашето достоинство. Нашето достоинство во очите на светот ќе го подигнеме оној момент кога ќе почнеме сами да си ја креираме нашата иднина и кога на светот ќе му понудиме нешто за кое ќе биде заинтересиран да го види и доживее.
Почитувани читатели, после секое мое патување низ светот кога ќе видам каде се движи, при враќањето во мојата татковина се чувствувам тажно, бидејќи не го гледам светлото за мојата иднина кое треба да ми го понудат политичките партии и државни институции. Тагата на еден патник е кога ќе ја види земјата без светло.
Дај Боже, еден ден да пораснеме како Македонци со светла визија. Малта е мала држава со голема визија, а Македонија голема историја без иднина.
Имам чувство дека самите себе сме си најголеми непријатели…






