Приведен и малолетник: 14 возачи приведени за безобѕирно возење, седум биле под алкохол – уште се вози без возачка

Полициските служби во изминатото деноноќие лишиле од слобода 14 лица на територија на државата поради безобѕирно управување возило, при што дел од нив биле под дејство на алкохол, а меѓу приведените има и малолетник без возачка дозвола.

Според податоците, пет лица управувале возило без возачка дозвола, од кои едно е малолетно, двајца возеле и покрај активна забрана, додека седуммина биле фатени како управуваат возило под дејство на алкохол.

Прекршоците се регистрирани во повеќе градови низ државата – Скопје, Велес, Демир Хисар, Охрид и Тетово, додека алкохолизирани возачи биле затекнати во Свети Николе, Кочани, Кавадарци, Струмица, Гевгелија и Прилеп.

Полицијата најави дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Паралелно, во Скопје била спроведена засилена акциска контрола насочена кон возачи на мотоцикли, велосипеди со помошен мотор, трицикли и четирицикли, при што биле санкционирани 113 возачи.

Од нив, 45 возачи биле казнети за неносење заштитна кацига, 17 за управување без соодветна потврда, а четворица за возење со несоодветна категорија. Евидентирани се и прекршоци за нерегистрирани возила, неносење сообраќајна дозвола, како и движење по несоодветна површина.

За време на контролата, еден возач бил лишен од слобода поради безобѕирно управување, согласно член 297-а од Кривичниот законик.

Од МВР апелираат до граѓаните строго да ги почитуваат сообраќајните правила, нагласувајќи дека контролите ќе продолжат и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста на патиштата, објави Скопје1.мк.

Back to top button
Close