Во Македонија прв пат изведена реконструкција на нос со 3Д печатен персонализиран имплант

Најновиот зафат изведен со врвна технологија е доказ дека Македонија ги следи светските трендови, а дури и предничи во некои оперативни процедури во светот. Последен таков случај е реконструкција на нос со 3Д печатен персонализиран имплант кај пациент којшто го загубил носот поради малигна болест. Со овој зафат, извршен минатиот месец на Универзитетската клиника за пластична хириргија во Скопје, неговиот квалитет на живот е значително подобрен, пред се, поради ентузијазмот и иновативноста на лекарите д-р Софија Пејкова и д-р Стефан Арсенков.
За тоа како се одвивала целата процедура, закрепнувањето на пациентот и што се било потребно за да е случи овој зафат, по првпат во Македонија, но и во регионот и пошироко, разговаравме со д-р Пејкова и д-р Арсенков, кои детално ни појаснија како дошол првиот контакт и идејата да се изработи персонализиран 3Д имплант на нос.
Д-р Пејкова ни раскажа како почнала целата приказна и контактот со д-р Арсенков, којшто е и еден од основачите на 3D Loom, стартап кој ја менува хирургијата со 3D моделирање.
-Се започна со пациентот. Јас сум пластичен хирург на Универзитетската клиника за пластична хирургија, каде што работам реконструктивна хирургија. Кај нас пластичната хирургија опфаќа многу широка патологија, меѓу кои се и малигните промени на кожата. Тука стануваше збор за пациент којшто имаше малигна промена на дорзумот на кожата, односно на носот, што ја опфаќаше скоро целата површина што е видлива за нас. Меѓутоа, нашата прва работа е кога имаме таква состојба на малигна неоплазма мора да бидеме радикални, односно да ја отстраниме целата промена во здраво. Па потоа доаѓа каква база на дефект ќе добиеме и какви ќе бидат реконструктивните постапки, појаснува д-р Пејкова.
Таа истакна дека поради тоа што пациентот бил во напредната фаза на болеста, единствена опција за него како пациент и за нив како хирурзи, било да го отстранат комплетно носот.
-Во тоа успеавме. Добивме хистопатолошка верификација дека сме постигнале маргини директно здраво, меѓутоа имавме пациент без нос. И тука почна целата приказна, вели д-р Пејкова.

Таа истакна дека досега постојат многу процедури што можат да се користат за реконструкција на носот, но тоа е многу комплексна структура на нашето лице и не прави да бидеме посебни и да бидеме уникатни и ни дава навистина една посебност во појавата.
-Има 3Д форма и е комплексен и од тој аспект и од аспект на неговата конфигурација. Има ‘рскавичен дел, има коскен дел, кој што е всушност базата на носот и потоа се мекоткивна покривка, односно она што ние го гледаме, меѓутоа не само од надвор, туку и од внатре. Како што имаме слузница која што ни овозможува лесно да дишеме и да зборуваме, така што е многу комплексна како структура и голем предизвик за реконструкција, појаснува д-р Пејкова.
Докторката вели дека во реконструктивната хирургија постојат многу опции, но треба да се избере најидеалната за пациентот или оптималната.
-Може да се земе ‘рскавица од увото, може да се земе дел од ребро кој што ќе треба да се измоделира за да се добие таа основа што ќе ги држи мекоткивните структури. Меѓутоа, ете, јас сум веќе долго време во пластичната хирургија. За мене тоа никогаш не било оптимално. Секогаш може да биде и подобро. И токму тоа им го кажувам на моите специјализанти, студенти дека секогаш мораме да се стремиме кон нај оптималното што може да го добиеме, вели д-р Пејкова.
Таа вели дека со д-р Арсенков ги споиле студентите, за кои вели дека се големи ентузијасти кои инспирираат, и оти е горда што има таква генерација. Потоа стапиле во контакт, му ја раскажала целата историја на пациентот, му ги покажала фотографиите, по што д-р Арсенков и кажал оти е предизвик, но е возможно да се изведе.
-Нас не споија студентите во име на пациентите. Имав предавање за студенти и првото прашање што им го поставувам кај прво предавање од пластична хирургија, што имам чест да им го предавам и им велам, што е за вас пластична хирургија? Знаете што е одговорот? Ботокс. Јас велам – навистина сум разочарана. Мора да се зборува, да се инвестира во нив и да се насочуваат, бидејќи и тоа им објаснив, ние со Стефан имаме пациенти, а тие што работат ботокс, филери итн.. тие имаат клиенти, вели таа.
ПОВЕЌЕ НА ЛИНКОТ






