Мицкоски: Очекуваме дополнително заострување на односите со Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека Македонија се соочува со, како што рече, оспорувања на идентитетот и историското наследство, вклучително и на ликот на Гоце Делчев.

Тој нагласи дека македонскиот народ и државата и во 21 век се соочуваат со предизвици кои, според него, не би требало да постојат, посочувајќи дека дел од нив имаат корени во минатото.

Мицкоски истакна дека Владата ќе остане на позицијата за заштита на македонскиот идентитет, оценувајќи дека тоа претставува „црвена линија“ од која, како што рече, нема отстапување.

Во однос на односите со Бугарија, премиерот изјави дека не очекува подобрување на атмосферата, туку, како што рече, можност за нејзино дополнително заострување.

Тој додаде дека постојат, според него, политички и општествени структури во земјата кои влијаат врз надворешнополитичките позиции, но дека Владата е подготвена за дијалог на билатерално и мултилатерално ниво.

Мицкоски порача дека Македонија ќе ги изнесува своите аргументи во сите разговори и дека очекува исто така да бидат земени предвид и аргументите на другата страна.

Back to top button
Close