Мицкоски со одговор по изјавите на Груевски: Секој кој е соочен пред правосудните органи, има права согласно законите

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ставот на Владата во однос на владеењето на правото останува непроменет, коментирајќи ги последните реакции поврзани со статусот на Никола Груевски.

„Мојот став е оној кој го кажав пред неколку недели, тој е непроменет. Тој важи за сите кои се грижат за владеењето на правото и тоа ќе остане. Немаме двојни принципи, а тие кои веруваат во владеење на правото ќе го поддржи ова однесување на Владата, а секој кој е соочен пред правосудните органи, има свои права согласно законите и Уставот и тие му се на располагање“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека во однос на обвинувањата и политичките реакции, постои јасна правна рамка.

„Што се однесува на тврдењата на СДСМ, си има правна процедура и се разбира дека сите правни процедури ќе бидат застапени“, рече Мицкоски.

Претходно, Никола Груевски преку јавен настап упати серија обвинувања, тврдејќи дека против него се водел политички прогон во периодот на поранешната власт, со, како што наведе, „монтирани судски постапки“ и притисоци врз сведоци и судии.

Груевски, кој има азил во Унгарија, ја критикуваше и актуелната постапка за негова можна екстрадиција, повикувајќи на, како што наведе, „проверка на сите неправди и злоупотреби од минатото“.

Случајот повторно ја отвора дебатата за правосудниот систем и политичките влијанија, додека институциите најавуваат дека ќе постапуваат согласно законските процедури.

Извор: skopje1.mk 

Back to top button
Close