Осум дена притвор за член од обезбедувањето на Мицкоски, ја натепал сопругата
Р.Р, припадник на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, доби мерка притвор во траење од осум дена поради сомнеж за извршено семејно насилство. Според информациите објавени од ТВ24, Р.Р бил приведен по пријава дека физички ја нападнал неговата сопруга.
Информацијата за притворот е потврдена од извори во Кривичниот суд, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), како и од Министерството за внатрешни работи, објави ТВ24.
Р.Р бил активен на својата работна позиција како дел од претходницата на обезбедувањето на премиерот. Неговата сопруга, С.Р, е по професија докторка и сопственичка на приватна здравствена ординација.
Од Кривичниот суд појаснуваат дека против него е поведена постапка за кривично дело за кое е предвидена затворска казна од шест месеци до три години. Надлежните органи работат на целосно расчистување на случајот.






