Одобрените 200 нови вработувања во судството не се реализираат – вели членката на Судскиот совет, Јошевска-Анастасовска


Членката на Судскиот Совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 потврди дека одобрените 200 нови вработувања во судството не се реализираат и оцени дека тоа го блокира работењето на судовите.

Според неофицијални информации, додаде таа, вработувањата не се реализираат бидејќи се чека ребаланс на буџетот, а во меѓувреме нема никаква соработка меѓу Министерството за финансии и Судскиот совет.

Јошевска-Анастасовска: Зошто, најверојатно тоа треба да се праша во Министерството за финансии. Јас колку што разбирам, во Министерството за финансии одбиваат соработка со Судскиот совет во смисла – нема никаква соработка, никакви состаноци. Така што, немам информации, можеби ова е прашање за претседателот, зошто и како се одолговлекува овој процес.

360°: Имате сознанија дека претседателот бара состаноци?

Јошевска-Анастасовска: Да, и дека од страна на министерката за финансии нема соодветна комуникација, иако, да, начелно 200 се одобрени, правени се плановите, Судско-буџетскиот совет ги направи по судови вработувањата.

360°: Ако се присетиме, и премиерот даваше такви изјави, нели: „Еве, нека седнат во Судски совет, во Судско-буџетски совет, нека ги договорат потребите, ние сме тука да го реализираме и поддржиме тоа“.

Јошевска-Анастасовска: Да, такви беа изјавите. Сепак, тие поддржуваат, да речам, 50 отсто од тоа што се потребите, и тоа е вредно да се напомене бидејќи потребите беа за 400 и барањата беа за 400 вработувања.

360°: Како прв чекор не е лошо и 200, но, еве, не се реализираат.

Јошевска-Анастасовска: Поголем проблем е што не се реализираат и тоа навистина го блокира работењето на судството. Некои информации, непроверени, ми кажуваат дека се чека ребаланс на буџетот. Зошто и како, не знам. Но, ако се чека ребаланс на буџетот, тоа ќе го одолговлечи уште повеќе, па можеби ќе треба да се прават други реорганизации. Така што, поминуваат месеците, а знаеме дека тоа влијае на ажурноста на постапките, а крајно – тоа влијае на незадоволството на граѓаните.

Јошевска-Анастасовска смета дека судството сега е поставено во нефер положба – од една страна да се бараат резултати, а од друга страна, да не му се даваат услови за да ги испорача тие резултати.

Јошевска-Анастасовска: Другата работа е дека сè се слева во судството. Нефункционалноста на системот повторно се слева во судството. Можеби може да се помогне, во наводници, и доколку системот во рамките на министерствата и во рамките на локалната самоуправа нема толку спорови, односно ги решава на поинаков начин. На пример, Министерството за внатрешни работи има илјадници тужби во судот од работни спорови.

360°: И се толерира таа ситуација.

Јошевска-Анастасовска: Се толерира и се остава, дури, нели, како фраза> „оставаме судот да одлучи“. Не мора секогаш судот да одлучи, особено кога е неспорна работата. Само се трошат ресурсите што и онака ги нема судството. Имаме надомест на штети, да речеме, од каснување на кучиња и тој тип работи, кои навистина не мора да одат до суд. Државното правобранителство треба да излезе исто со некоја анализа да каже во кои ситуации може навистина да ги решава работите, а да не мора да стигне во суд и на тој начин ќе се намали тој притисок врз судот и тоа би било добро за сите.
Неодамна Уставниот суд одлучи да го поништи законот со кој Собранието ги намали коефициентите за плати за судиите и практично ги остави на истото ниво како претходно. Со ваквата одлука на Уставен сега платите на судиите се зголемени.

На прашањето дали по ова судиите немаат право да приговараат барем за висината на сопствените плати, Јошевска-Анастасовска не се согласува.

Јошевска-Анастасовска: Ама погрешно е финансирањето на судството да го врзуваме со платите на судиите и само тоа да биде тема…

360°: Ама, Јошевска, дури и судиите и здруженијата на судиите само за тоа реагираат. Еве, ако бидеме фер. Значи, може да ги напаѓаат, да ги омаловажуваат, да ги обвинуваат, тие ќе си ќутат. Но, за платите – за тоа се реагира.

Јошевска-Анастасовска: Ве разбирам и навистина тоа е тоа кога велам дека е оставено предолго време да биде тој претивок простор, празен простор каде што судството мора да се избори да биде рамноправна власт, затоа што Уставот вели дека е рамноправна власт, а не третата власт, и да очекува да му биде дадено нешто што по Устав му припаѓа. Тоа треба да биде чекор по чекор навистина изборено, достигнато и не само со барања, туку и со соодветни анализи, со работа. И тука Судскиот совет ќе треба да одигра навистина значајна улога.

360°: Одлуката на Уставниот суд за платите дали се однесува и на членовите на Судскиот совет?

Јошевска-Анастасовска: Не, затоа што платите на членовите на Судскиот совет се во друг закон. Одредбата која ја поништи Уставниот суд е од Законот за плати на судии, а постои Закон за плати на членови на Судски совет. Одредбата е иста. Од страна на Судскиот совет беше поднесена иницијатива за поништување и на таа одредба. Логиката е дека аргументацијата која ја понуди Уставниот суд, барем она јавно што можевме да го видиме, а тоа е дека со ова се интервенира во независноста на судството, а со оглед на тоа дека уставната и законската позиција на Судскиот совет е како независен и самостоен орган на судството, што значи е дел од судската власт, мислам дека аргументацијата би била слична.

360°: И вие барате повисоки плати, де факто.

Јошевска-Анастасовска: Така е, да.

Back to top button
Close