Стоматолошка комора: Најостро ги осудуваме сите форми на незаконско и неетичко постапување
Стоматолошката комора на Македонија во денешното соопштение изразува сериозна загриженост поради информацијата дека Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против поранешен претседател на Комората, како и против претседателот и членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања.

Пријавата се однесува на сомненија за злоупотреба на службена положба и овластување. Комората најостро ги осудува сите форми на незаконско и неетичко постапување. Почитувањето на законите, професионалниот интегритет и етичките стандарди се темел на нашето работење и на довербата во стоматолошката професија. Актуелното раководство целосно соработува со надлежните институции со цел целосно расчистување на случајот и утврдување одговорност, информираат од Стоматолошката комора.
Воедно, веќе се преземаат мерки за зајакнување на внатрешните контроли, зголемување на транспарентноста и дополнително унапредување на процедурите поврзани со лиценцирањето и континуираната едукација. Овој случај не ја одразува работата на илјадниците стоматолози кои професионално и совесно ја извршуваат својата дејност, наведуваат од Стоматолошката комора и додаваат дека остануваат посветени на заштита на интегритетот на професијата и обезбедување квалитетна здравствена заштита за граѓаните.






