Апелација ја укина затворската казна за поранешниот телохранител на премиерот, Ангел Самараков

На крајот на месецов повторно ќе се суди предметот каде поранешниот телохранител на премиерот Христијан Мицкоски, Ангел Самараков е обвинет за одавање службена тајна, пренесе Слободен печат.

Првостепениот суд преку судијката Фанка Јанчулева Михаиловска го осуди Самараков на затворска казна од една година и шест месеци, но пресудата беше укината од страна на Апелациониот суд Скопје и предметот е вратен е на повторно судење. Самараков е полициски службеник од Шестата управа која обезбедува ВИП-личности. Тој го обезбедуваше премиерот Христијан Мицкоски во периодот кога беше обвинет дека одал службена тајна односно службени полициски документи на лице кое во постапката се водеше како сведок – Благоја Коруновски.

Сведокот Коруновски е познат на органите на прогонот и е осуден за убиство во 2007 година. Обвинителката Ивана Трајчева која го застапуваше обвинението пред првостепениот суд пред 10 месеци тврдеше дека минатото на Коруновски не е причина да не му се верува.

Значи видете, бекграундот, без разлика дали на сведокот или на друго лице, не значи дека не можете воопшто да му верувате во иднина, или дека треба само да му верувате. Така, секој од нас си има своја некаква позадина. Во конкретниот случај, немам зошто, односно Обвинителството нема зошто да не му верува на сведокот бидејќи сè она што тој го кажува е документирано на видеозапис и тоа ќе се види пред судот бидејќи тие докази се предложени од страна на Обвинителството, рече Трајчева.

Одбраната на Самараков рече дека се работи за незаконско поттикнување на кривично дело што Благоја Коруновски го направил врз Самараков, затоа што токму полицискиот службеник Самараков бил тој што во 2019 година го уапсил кога истиот бил во бегство повеќе од две години.

Самараков е обвинет дека на 30 март 2025 година околу 23 часот, на паркинг пред хотелот „Гарденија“ во Велес, како службено лице вработено во МВР, а од користољубие, на сведокот Благоја Коруноски му направил достапни службени документи на МВР кои се службена тајна, за сведокот тие документи да ги објави на социјалните мрежи.

Повеќе

 

Back to top button
Close