Манасиевски: СДС и Филипче велат дека се проевропски за да се оправдаат за националните предавства, истовремено одржуваат проруски врски
На денешната прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, изнесе критики кон СДС и Венко Филипче, обвинувајќи ги дека нивниот проевропски наратив се користи за, како што рече, оправдување на политички отстапки.

Тој истакна дека, според него, Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев застапуваат политика во која европскиот пат се врзува со отстапки без, како што наведе, јасни гаранции за државните интереси.
Манасиевски додаде дека, паралелно со проевропската реторика, СДС одржува и, како што рече, врски со проруски бизнис структури.
Во тој контекст ги спомена случаите со бизнисменот Александар Онишченко, за кој рече дека добил македонско државјанство и дека бил поврзан со корупциски афери во Украина, како и со Борче Марковски, кого го посочи како почесен конзул на Белорусија, поврзувајќи го со добивање државни тендери во изминатиот период.
Тој се осврна и на бизнис активности поврзани со Миодраг Давидовиќ Дака, наведувајќи дека биле реализирани одредени урбанистички измени и инвестиции во станбен развој.
На крајот од обраќањето, Манасиевски оцени дека јавноста е запознаена со овие случаи и дека, според него, обидите за политичко ребрендирање на СДС како проевропска опција нема да ги избришат претходните политики објави Скопје1.мк






