Цеков: Не добив поддршка за клучни мерки, затоа ја напуштив ЗНАМ

 

Пратеникот Миле Цеков во емисијата Ноќно студио на 4ТВ изјави дека одлуката да се повлече од партијата ЗНАМ и да дејствува како независен пратеник е резултат на подолг процес и несогласувања околу клучни политики.

„Одлуката не беше донесена врз основа на еден настан, туку е производ на повеќе состојби кои покажаа дека партијата суштински се разликува од она што го ветувавме пред изборите и она што се случува по две години власт“, рече Цеков.

„Порано газдите им велеа на работниците „ако не сакаш ти, има друго дете“. Денес „други деца нема“.

Тој посочи дека не добил поддршка од партиските колеги за неколку негови иницијативи, меѓу кои зголемување на минималната плата и обезбедување достоинствени приходи за работниците, како и антикризни мерки за земјоделците.

Дополнително, Цеков истакна дека останува на својот став против предложените измени во законот за минерални суровини, потенцирајќи дека бил против ова решение и пред изборите.

Како една од причините за несогласување ја наведе и нетранспарентноста во јавните финансии. Тој побарал да се објават компаниите кои добиле средства од т.н. унгарски кредит, но, како што рече, на тоа прашање немало одговор.

Цеков информираше дека предложил и законско решение за зголемување на прагот за оданочување од 2 на 4 милиони денари, со цел поддршка на малите компании и земјоделците, но предлогот не влегол во собраниска процедура.

„Нашата клучна порака во кампањата беше правна држава и борба против криминалот и корупцијата, но реалноста денес покажува поинаква слика“, истакна тој, посочувајќи го случајот со Артан Груби како пример за, како што рече, разочарувачки исходи.

И покрај тоа, Цеков нагласи дека неговата одлука не треба да биде во фокусот на јавноста.

Back to top button
Close