Старт на „Везилка“ со големи очекувања

Соња Крамарска
Надежите се дека вештачката интелигенција ќе ги унапреди здравство, енергетика, земјоделство, јавна администрација и културата. Ќе има и поддршка на државните институции во креирањето на европска легислатива.
По неколкумесечно усогласување со ЕУ во Северна Македонија стартува проектот „Везилка“ кој беше промовиран во октомври 2025 од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Потписот на договорот беше ставен во вторникот на 5 мај и со него, како што посочуваат за ДВ од Министерството за дигитална трансформација почнува користењето на ВИ технологиите во нашата држава.
Професорот од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Димитар Трајанов кој е на чело на проектот во разговор за ДВ рече дека тој е во времетраење од три години и дека предвидува партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција Фарос преку која „Везилка“, како што додаде, ќе стане дел од европската мрежа.
„Веќе оваа година ги очекуваме првите видливи резултати, особено во делот на едукацијата, поддршката за компаниите и првите примени во администрацијата. Во здравството фокусот ќе биде на поддршка на медицинскиот персонал и подобрување на квалитетот на грижата врз основа на постојните дигитални системи. Во енергетиката, на стабилност на мрежата, во земјоделството, поддршка на земјоделците со податоци и препораки прилагодени за нашите услови, изградба на сопствени јазични технологии за македонскиот јазик, а во јавната администрација поедноставување на услугите кои граѓаните ги користат секојдневно“, изјави Трајанов за ДВ.
<
Од Министерството за дигитална трансформација во разговор ни рекоа дека вкупната вредност на проектот е 6,2 милиони евра од кои 3,1 милион евра се грант од ЕУ. Министерството за дигитална трансформација ќе учествува со 1,5 милиони евра, а дополнителни средства ќе се обезбедат од Владата, Министерството за образование и наука, УКИМ и ФИНКИ.
Ќе бидат опфатени четири клучни области: здравство, енергетика, земјоделство, јавна администрација и култура. Проектот предвидува и поддршка на државните институции во креирањето на легислатива усогласена со европските регулативи.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски за ДВ изјави дека „Везилка” значи дека Македонија не сака само да ја следи дигиталната иднина, туку да учествува во нејзиното создавање. „Со овој проект вложуваме во знаење, во млади луѓе, во домашни компании и во институции кои ќе користат вештачка интелигенција за подобри услуги, поголема ефикасност и посилна економија“, рече тој.
Проектот, како што вели професорот Трајанов, е дизајниран како национален ВИ-акцелератор со повеќе механизми за вклучување на приватниот сектор. Првиот се отворени повици за креирање ВИ-решенија. Преку нив, домашните компании и стартапи ќе можат да добијат поддршка за развој на сопствени производи и пилот-проекти. Вториот е пристапот до суперкомпјутерот Daedalus во Фарос – Грција за обука за современи ВИ-модели. Третиот е поддршка на самите компании со тим од експерти кој ќе врши мапирање на процесите каде што може да се воведе вештачка интелигенција и ќе ги едуцира вработените. Четвртиот механизам е за младите при што се предвидени летни ВИ-школи, специјализирани работилници и обуки.
„Нѐ радува силниот ентузијазам кој веќе го гледаме во теренот. Уште во процесот на аплицирање, клучните министерства и повеќе компании потпишаа писма за поддршка – тоа значеше дека уште пред да започне проектот, имавме формална обврска од клучните партнери дека ќе работат со нас. По објавувањето на веста за финансирањето, голем број компании самостојно нѐ контактираа со конкретни идеи кои претходно немале капацитет да ги развијат“, изјави Трајанов кој го води проектот. Тоа, посочува тој, покажува дека побарувачката за вакви услуги веќе постои, само ѝ недостигаше платформа.
„Сѐ што е потребно е развиена идеја – останатиот дел ќе го разработуваме заедно“, порача Трајанов.
ФИНКИ расадник за ВИ кадарот
Во однос на кадарот, нашиот соговорник вели дека ФИНКИ располага со една од најголемите ВИ-заедници во регионот – над 60 истражувачи со докторат и повеќе од 30 млади докторанди кои работат активно во оваа област. „Тоа е јадрото врз кое ја градиме следната генерација професионалци, и во рамки на ‘Везилка’ овие капацитети систематски ќе ги отвориме кон останатите факултети и кон индустријата“, потенцира тој.
Од Министерството за дигитална трансформација, пак, додаваат дека бројката на ангажираниот кадар нема да биде статична. „Ќе има јадро на експерти кои ќе ја водат имплементацијата, но тоа ќе се проширува низ обуки, работилници, практични проекти, соработка со компании и институции, вклучување студенти, истражувачи и други професионалци“, рекоа во разговорот за ДВ.
Најголемиот дел од буџетот, инаку, ќе биде наменет за инвестирање во човечки ресурси, едукација и консултативни услуги, бидејќи стручниот кадар ќе биде клучниот фактор за успех на дигиталната трансформација, посочуваат нашите соговорници. Средствата ќе бидат алоцирани за развој на капацитети во компаниите и јавната администрација, како и за обезбедување пристап до напредни европски пресметковни ресурси. Приватниот сектор, како што нагласија, ќе има директна корист преку овие услуги, затоа што ќе ги отстрани финансиските и техничките препреки за развој на сопствени ВИ-решенија.
Јавноста, рече професорот Трајанов, ќе може да го следи целиот процес преку официјалната страница на проектот vezilka.ai , како и на профилот на LinkedIn (https://www.linkedin.com/company/vezilka/ ), каде што редовно ќе се објавуваат отворените повици и други новости.






