Стармер одбива да си замине по изборниот дебакл: Нема да ја турнам земјата во хаос

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека неговата влада е „десетгодишен проект“, откако Лабуристичката партија доживеа тежок пораз на локалните избори и се соочи со нови повици за негова смена.

Лабуристите на изборите минатиот четврток го забележаа најлошиот резултат за една владејачка партија на локални избори во последните три децении, што дополнително го зголеми незадоволството во редовите на партијата.

Поранешната владина функционерка Кетрин Вест најави дека ќе се обиде да обезбеди поддршка од други пратеници за покренување постапка за избор на нов лидер, доколку владата самата не преземе чекори за смена на Стармер.

Сепак, премиерот порача дека нема намера да се повлече и дека ќе ја води Лабуристичката партија и на следните парламентарни избори.

„Нема да избегам од работата за која бев избран во јули 2024 година. Нема да ја турнам земјата во хаос“, изјави Стармер во интервју за „Обсервер“.

Доколку сепак биде сменет во наредните недели, Британија би го добила својот седми премиер во последните десет години.

Министерката за образование Бриџит Филипсон изрази уверување дека Стармер може да ја промени ситуацијата и најави дека тој утре ќе претстави „нов правец“ за Британија.

Кетрин Вест, пак, изјави дека ќе го почека говорот на премиерот пред да одлучи дали ќе се обиде да ги обезбеди потребните 81 потпис за почеток на избор на ново раководство на партијата.

Стармер според законот мора да распише нови парламентарни избори најдоцна до 2029 година.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close