СЗО препорача 42 дена карантин за евакуираните од крузелот со хантавирус

Првата група патници евакуирани од крузерот „МС Хондиус“, на кој се појави зараза со хантавирус, пристигнаа во Мадрид. Четиринаесет шпански државјани со чартер-лет од Тенерифе беа пренесени во главниот град, каде што ќе бидат сместени во задолжителен карантин во воена болница.

Пред качувањето во авионот во Тенерифе, персоналот ангажиран во операцијата им облече на евакуираните бели заштитни одела и ги прскаше со средства за дезинфеција на самиот аеродром. Агенцијата АФП објави дека попладнево и авион со петмина француски државјани слетал на аеродром северно од Париз, а се очекуваат и летови за Холандија, Грција, Германија, Велика Британија и САД.

Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија изјави дека операцијата се одвива нормално и дека сите патници на бродот засега се без симптоми. Крузерот се закотви во пристаништето Гранадиља во неделата пред зори, еден месец откако на него почина првиот патник.

Евакуацијата се спроведува под строги безбедносни мерки, при што медицински тимови ги проверуваат сите лица на бродот за знаци на вирусот. Патниците со чамци се префрлаат до брегот, каде што ги пречекуваат службени лица во заштитна опрема, а потоа со автобуси се носат до локалниот аеродром. Последната група патници се очекува да замине за Австралија во понеделник.

Светската здравствена организација препорача карантин од 42 дена за сите патници од моментот на последната изложеност, со оглед на тоа што вирусот има период на инкубација до девет недели.

Патниците од бродот ќе бидат поделени во групи според државјанствата и со помали бродови ќе бидат пренесени до брегот. Потоа, од локалниот аеродром со чартер летови ќе бидат превезени во нивните матични држави.

Епидемијата е поврзана со депонија на најјужниот дел на Аргентина, каде што вирусот го пренесуваат глодари. Иако преносот меѓу луѓе е редок, досега од хантавирус починаа тројца патници од овој брод.

Извор: nezavisen.mk

Back to top button
Close