ФБИ фати двајца велешани кои пљачкале злоупотребувајќи го претседателот на САД

Федералното истражно биро на САД (ФБИ) лоцираше двајца Македонци, Горан Спиридонов (25) и Кристина Јанева (39) кои пљачкале постари Американци, на начин што преку интернет им продавале лажни финансиски инструменти на кои стоело името и ликот на претседателот на САД, Доналд Трамп. „Слободен печат“ дознава дека обвинетите се од Велес, градот што во 2016 година се богатеше од империја на лажни вести за време на американската претседателска кампања. Десет години подоцна, „работата со странци“ од овој град, зазема поинаков правец.

Безвредни картички им ги испразнија џебовите на Американците

Спиридонов, Јанева и другите промотори на оваа измама, според Њујоршкото обвинителство кое ја спровело истрагата заедно со ФБИ, лажно им претставиле на жртвите дека производите „Трамп Бакс“ (Трамп-долари) се поврзани со претседателот Трамп, членови на неговото семејство, членови на Организацијата Трамп и членови на администрацијата на Трамп, и дека купувањето на „Трамп Бакс“ би помогнало во финансирањето на кампањата за реизбор на претседателот Трамп и разни каузи наводно поврзани со него. Така, поддржувачите на американскиот претседател станаа цел на измамници кои извлекле илјадници долари од нив, вклучително и животни заштеди од пензионери.

Според обвинителниот акт во кој имаше увид „Слободен печат“, учесниците во измамничкиот синџир се обиделе и да ги ревиктимизираат жртвите што веќе купиле некој производ од „Трамп доларите“, на начин што ги лажеле дека само ако купат уште производи, дури тогаш ќе може да си ги повлечат парите од претходно купените производи. Сметките на американските државјани биле „цедени“ и така што им било кажувано оти се потребни пари за да ги извадат нивните пари. Сега со обвинителниот акт се бара обвинетите доколку се докаже нивната вина, да ги вратат парите.

Спиридонов и Јанева се државјани и жители на Северна Македонија и сè уште се на слобода, информираше њујоршкото обвинителство.

Обвинението за двајцата е и зашто лажно тврделе дека овие лажни „Трамп-картички“ се „наполнети со десетици или стотици илјади долари во готовина што би можеле да се заменат во банки за време на мандатот на Трамп“.

Повеќе

 

Back to top button
Close