Еве како секојдневното пиење кафе влијае на црниот дроб
Утринската шолја кафе би можела да има повеќе придобивки од само будење. Истражувањата покажуваат дека пиењето две до три шолји црно кафе дневно може да го намали ризикот од фиброза и цироза на црниот дроб за 25 до 40 проценти.

Истражувачите и лекарите објаснуваат дека заштитниот ефект е поврзан со антиоксидансите и соединенијата што помагаат во намалување на воспалението и заштита на клетките на црниот дроб, пишува EatingWell.
„Поврзаноста меѓу кафето и здравјето на црниот дроб е едно од најконзистентно потврдените откритија во научната литература“, вели диететичарката Јохана Кац за Parade.
Таа објаснува дека редовното консумирање кафе може да го намали ризикот од фиброза и цироза на црниот дроб, а најсилни ефекти се забележани кај луѓето што пијат две до три шолји дневно.
Диететичарката Витни Стјуарт додава дека кафето содржи полифеноли и дитерпени што помагаат во намалување на воспалението и ги поддржуваат природните процеси на детоксикација во црниот дроб.
Според неа, кафето може да помогне и во намалување на ензимите ALT и AST, чие ниво се зголемува кога црниот дроб е под стрес или оштетен.
Истражувачите наведуваат и дека редовното пиење кафе е поврзано со помал ризик од безалкохолна масна болест на црниот дроб, фиброза и рак на црниот дроб.
Сепак, експертите предупредуваат дека е важно и како се пие кафето.
„Овие придобивки се однесуваат на црно или благо засладено кафе, а не на слатки напитоци со многу сирупи и шеќер, кои можат да придонесат за развој на масен црн дроб“, вели Стјуарт.
Покрај умереното консумирање кафе, стручњаците препорачуваат балансирана исхрана, редовна физичка активност и ограничување на алкохолот за зачувување на здравјето на црниот дроб. објави Скопје1.мк





