„Колку народни пари потрошил Фетаи додека не се појавувал на работа – Мицкоски да иницира одговорност за несовесно работење“, велат од Левица

Левица преку соопштение остро реагираше на, како што велат, неодговорното однесување на вицепремиерот Арбен Фетаи, обвинувајќи го дека со месеци не се појавува на работа, не присуствува на владините седници и не одговара пред Собранието, а продолжува да ја користи функцијата и бенефициите.

Од партијата наведуваат дека додека Владата зборува за недостиг на средства за плати, здравство и социјални мерки, истовремено дозволува функционер кој, според нив, не ја извршува функцијата да продолжи да прима плата и други привилегии.

Во реакцијата се оценува дека станува збор за „расипничко и неодговорно владеење“, а премиерот Христијан Мицкоски е обвинет дека не презема никаква одговорност и покрај, како што наведуваат, јавно потврдените информации за отсуството на Фетаи.

Левица јавно прашува колку државни средства биле исплатени за плати, патни трошоци и привилегии на вицепремиерот, како и дали Владата ќе иницира постапка за утврдување одговорност за несовесно трошење буџетски средства.

Од партијата бараат итно разрешување на Арбен Фетаи и проверка на сите исплати и трошоци направени за време на неговото отсуство.

Back to top button
Close