Пет пријави за семејно насилство: Полицијата интервенирала во Скопје, Неготино и Виница

Ново деноноќие со повеќе случаи на семејно насилство низ државата. Полицијата приведе три лица, а регистрирани се вкупно пет пријави за физички напади и закани во семејства во Скопје, Неготино и Виница.
Во еден од случаите, 33-годишна жена од Скопје пријавила дека била физички нападната од нејзиниот 39-годишен сопруг по расправија во семејниот дом.
Полициски службеници од СВР Скопје го привеле и 50-годишниот И.И. од скопско, откако неговата 46-годишна сопруга пријавила дека физички ја нападнал во домот.
Во Неготино, полицијата го лишила од слобода 18-годишниот И.А., по пријава од неговата мајка дека физички ја нападнал и им се заканувал нејзе и на неговиот малолетен брат. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.
Дополнително, 43-годишна скопјанка пријавила дека нејзиниот сопруг, со кого не живее заедно, физички ја нападнал неа и нивната малолетна ќерка.
Во виничко село, пак, бил приведен 37-годишниот Н.П., откако било пријавено дека заедно со неговата мајка физички ја нападнале неговата 22-годишна сопруга.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи, а по нивното целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави против сторителите.
Извор: skopje1.mk






