(Видео) Невреме со силен пороен дожд и засилен ветер го зафати Скопје

Нов бран на атмосферска нестабилност попладнево го зафати Скопје и повеќе делови од државата, носејќи пороен дожд, силни налети на ветер и грмежи.
Во Скопската Котлина веќе се активни врнежи проследени со засилен северен ветер, а во делови од градот се регистрираат и ретки електрични празнења. Според метеоролозите, условите во Скопје во текот на попладневните и вечерните часови дополнително ќе се влошуваат, со можност за интензивно невреме, краткотрајни поројни врнежи и ветер со брзина над 60 километри на час.
Постои опасност и од локална појава на суградица, особено во северните и периферните делови на главниот град, каде облачните процеси се најизразени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на повеќе места нестабилноста ќе биде проследена со грмежи и засилен ветер над 50 километри на час. Локално се очекуваат поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд, силен ветер и услови за изолирана појава на град.
Освен во Скопје, поројни врнежи и нестабилно време попладнево се активни и во околината на Пробиштип и на територијата на општина Свети Николе.
Граѓаните се повикуваат на внимателност, особено во сообраќајот, поради можноста за намалена видливост, задржување вода на коловозите и ненадејни силни удари на ветер.





