Тајната служба ликвидираше вооружен маж кој отвори оган кај Белата куќа

Вооружен маж синоќа отвори оган кон контролен пункт во близина на Белата куќа во Вашингтон, по што бил смртно ранет од агенти на Тајната служба, кои возвратиле на нападот, соопштија американските власти.
Според соопштението на Тајната служба, која е задолжена за обезбедување на американскиот претседател и потпретседател – напаѓачот пукал кон агентите, кои возвратиле со оган. Осомничениот бил ранет и „пренесен во локална болница, каде подоцна починал“, се наведува во соопштението.
Во престрелката бил ранет и случаен минувач, соопшти Тајната служба, без да ја прецизира неговата состојба.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во изминатите две години беше мета на три наводни обиди за атентат, во моментот на инцидентот се наоѓал во Белата куќа, откако ги откажа сите патувања за викендот поради кризата со Иран.
„ФБИ е на местото и дава поддршка на Тајната служба, која реагира на пукање во близина на Белата куќа“, напиша директорот на ФБИ Кеш Пател на социјалната мрежа Икс.

Водителот на „Фокс њуз“ Брет Баер изјави дека добил информации од висок функционер на администрацијата дека вооружениот маж се приближил од западната страна на Белата куќа и испукал три куршуми. Според него, напаѓачот никогаш не го преминал безбедносниот периметар околу претседателската резиденција.
Канадскиот турист Рејд Адријан за АФП изјави дека бил во близина кога „слушнал меѓу 20 и 25 истрели, кои звучеле како огномет, но всушност биле истрели од оружје и сите почнале да бегаат“, пренесува Франс24.
Полицијата го блокираше пристапот до Белата куќа, а припадници на Националната гарда не им дозволи на новинарите да влезат во областа.
Новинари кои се наоѓале на северниот тревник во моментот на инцидентот напишаа на Икс дека добиле наредба да се засолнат во салата за прес-конференции во Белата куќа.

Дописничката на телевизијата Еј-Би-Си Селина Ванг објави видео на социјалните мрежи на кое се слушаат истрели.
„Звучеше како десетици истрели“, напиша таа.
Американскиот претседател подоцна изјави дека напаѓачот „имал претходни насилни испади и изгледал опседнат“ со Белата куќа.
„Им благодарам на нашите одлични агенти од Тајната служба и на органите на редот за брзата и професионална интервенција вечерва против вооружен маж во близина на Белата куќа, кој имал претходни насилни испади и изгледал опседнат со зградата што е најдрага за нашата земја“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушал.
Американските безбедносни служби сѐ уште не го открија идентитетот на осомничениот, кого го опишуваат како лице со емоционално растројство.
„Му благодариме на Господ што претседателот Трамп е жив и здрав“, напишаа републиканците од Претставничкиот дом на Икс. „Изразуваме бескрајна благодарност до Тајната служба за брзата и херојска реакција. Политичкото насилство мора да престане“, додадоа тие.
Седумдесет и деветгодишниот Трамп беше цел на три наводни обиди за атентат, од кои последниот на 25 април, кога вооружен маж проби контролен пункт во близина на салата каде претседателот присуствуваше на медиумска гала-вечера.
Во јули 2024 година, за време на претседателската кампања, Трамп беше нападнат во Батлер, Пенсилванија, кога млад маж испука повеќе куршуми, при што уби едно лице од публиката и лесно го рани Трамп, пред да биде ликвидиран од безбедносните сили.
Неколку месеци подоцна, друг вооружен маж беше уапсен во близина на голф-терен во Вест Палм Бич, каде Трамп во тој момент играл голф.






