Избран е изведувачот кој ќе го осветлува Камениот мост, проектот треба да е завршен до септември


На 20 мај турскиот електронски систем за јавни набавки ЕКАП ги објави резултатите од тендерот на Општина Есенлер за осветлување на Камениот мост во Скопје, кој го доби понудувачот „Јакуп Јазичи“(Yakup Yazici).

На тендерот не конкурирала ниту една фирма од Македонија, а според избраната понуда, осветлувањето на Камениот мост ќе ја чини Општина Есенлер 10.239.500 турски лири, или нешто над 190 илјади евра.

Договорот со најповолниот понудувач бил склучен на 14 мај, а највисоката понуда изнесувала 39.5 милиони лири, или околу 738 илјади евра.

Според спецификациите, на овој тендер право на учество имале домашни-турски компании, но и странски компании, а јавната набавка предвидува „изградба на декоративен и архитектонски систем на осветлување на историскиот Камен мост во Скопје, Македонија“.

Во тендерската постапка е наведено дека избраната фирма има рок од 100 дена да го заврши проектот со осветлување на Камениот мост, а работните активности треба да започнат пет дена од изборот на изведувач и склучувањето на договор помеѓу Општина Есенлер и фирмата, што значи дека до почетокот на септември овој проект треба да биде завршен.

Back to top button
Close