После Орбан – дезорбанизација на контаминираниот социјален простор

Ѓорѓи Тоновски

Демократскиот либерален и хуман свет го поздрави заминувањето на Виктор Орбан од унгарската и европската политичка сцена, заедно со неговиот пакосен „концепт„ за илиберална демократија. Коментарот на моите Битолчани за изборната катастрофа на Виктор Орбан е многу јасен: Унгарците го избркаа на клоци.

Новинарите изборната победа ја насловија во стилот „Ова е крај на Орбановата ера”. Поттекстот е јасен – водата почнува да се бистри. Политичарите кои се истомисленици на Орбановиот концепт на владеење остануваат без коментари, светската јавност сè уште ги анализира последиците од ваквата промена на унгарската политичка сцена, а Македонците се мачат да одгатнат што ова ќе значи во однос на натамошниот развој на пријателски блиските односи што македонската влада ги негуваше со тн. најмоќен автократ/диктатор во демократски определената Европска Унија.

Додаток во преиспитувањето на политичките односи е и прашањето за натамошната судбина на пребегнатиот македонски автократ/диктатор кој ужива азил во Унгарија. Бегалецот во Будимпешта (поранешниот македонски политичар Никола Груевски) можеби ќе бара ново засолниште кај некој друг диктатор во светот, или ќе мора, што е за неверување, да се појави пред македонските судови за да поднесе сметки за последиците од владеењето на груевизмот во македонската кревка демократија.

Во секој случај, ќе има турбуленции. Нашата земја не е имуна на недемократски општествени настани и на автократски тенденции на владеење. Напротив, во политичкото идентификување на светската политичка мапа е запишано дека земјава помина повеќе од една деценија во политички систем кој во голема мера имаше фашисоидни примеси. Некои аналитичари тој период го нарекуваат период на груевистичко владеење во кој дефинитивно се отворија вратите на автократизмот во Македонија. Прогонот на неистомислениците (функцијата на Големиот Инквизитор од Битола) и разграбувањето на општествените ресурски станаа наше секојдневие. Оставштина од тој коров сè уште се чувствува во политчките определби па и учеството во политичката власт и владеење. Блиските односи со Орбановиот начин на владеење го наметнува прашањето дали и во колкава мера  орбанизмот беше инспирација и водилка на постоењето на груевизмот.

Факт е дека Виктор Орбан стоеше на чело на политичката клика која во Европската Унија гледаше пречка за блиски односи со „Источите предели„ на Континентот. Таа клика беше и барјактар на евентуалното проблематизирање на опстанокот на Унијата. Некои од младите источноевропски демократии исто така покажуваат знаци на немоќ да се спротивстават на налетот и на притисокот на автократските тенденции на владеење. Оската на Орбановиот дијапазон сè уште функционира. Некои носители на ваквите тенденции и намери побрзаа пред самите избори на Орбан да му изјават и пружат отворена поддршка за победа на изборите на нивниот capo di tutti capi. Затоа падот на овој осведочен недемократ и неговата многу чудна (некои велат и налудничава) идеја и концепт за тн. Илиберална демократија претставува победа и натамошен развој на демократските процеси во Европската Унија. Зашто, „концептот“ на илиберална демократија само се нарекува демократски, а во основа е автократски систем на владеење. Чист ларпурларизам и тавтологија е дека постои демократија таму каде што нема слобода, либерален општествен амбиент. Евентуалниот систем илиберална демократија е само покритие за тортура врз граѓаните, целосно непочитување на човековите права, и тотална контрола на медиумскиот простор во кој сите медиуми се апологети на власта. Но тој систем е многу прикладен за полнење на офшор банките на Кајманските Острови и на слични такви места каде автократите и нивните болументи ги кријат украдените огромни суми народни пари. Исчезнувањето на Виктор Орбан од политичката сцена е голема опомена и поука за сите потенцијално убедени диктатори во светската, па и во Македонската политика. На Европскиот простор постои повеќевековна традииција во развој на демократијата и на системот на човековите права, а традицијата значи здрав и недопирлив континуитет на нештата. Вечност. Заради тоа, победата над автократските сили од типот на Орбановата диктатура е голема заслуга на Унгарската и на Европската јавност. Европа е колевка на демократијата, или како што говореа старите Римјани: „Што е сонот за Рим, ако луѓето не се слободни„.

Back to top button
Close