Алберта и Македонија: Што е „опасен блеф“?

Што имаат заедничко богатата канадска провинција Алберта и Македонија? Речиси ништо. Освен што веројатно има македонски иселеници во двата најголеми градови – метрополата Едмонтон и олимпискиот Калгари. Провицијата, која го доби името според четврата ќерка на британската кралица Викторија во 19. век, има БДП по жител од 72 илјади американски долари, богата е со нафта и гас.
Па што може тогаш да биде задничко? Тоа е конфузијата во која е втурната Алберта (а и Канада) по објавувањето на одлуката за распишување прв референдум за отцепување од Канада на 19 октомври оваа година. Македонија е на спротивниот дел од отсечката – таа е во конфузија не поради одбивањето на Владата на предлогот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за распишување референдум за членството во ЕУ, туку од неправењето ништо. Од залегнување во ровот на кој има табла „Статус-кво“.
Па, навистина, што би можело тогаш да биде заедничко меѓу една богата провинција и една многу сиромашна држава? Тоа се проблемите во владејачките партии во двата ентитети.
Речиси исто како и кога тогашниот премиер на Велика Британија и лидер на Конзервативната партија, Дејвид Камерон, во 2016 распиша референдум за излегување на кралството од Европската унија за да го стиша бунтот во неговата партија. И водеше кампања за останување во ЕУ. На референдумот истата година 52 отсто од луѓето во Велика Британија гласаа за напуштање на ЕУ, додека 48 проценти гласаа за останување. Поддржувачите тврдеа дека членството во ЕУ го задушува економскиот раст и суверенитетот на Велика Британија. Камерон веднаш поднесе оставка, но штетата веќе беше направена. Британија формално ја напушти ЕУ во 2020.
Референдум за да се смири бунтот
Премиерката на Алберта, Даниел Смит, го свика референдумот за отцепување од Канада за да го потисне бунтот во својата Обединета конзервативна партија и вети дека ќе води кампања против него. Таа сакаше колку што може да ги замолчи тврдењата дека просперитетот е украден од далечни елити и дека може да се поправи со гласање за излегување од федерацијата. Подолго време се зборува и за странско мешање од администрацијата на Доналд Трамп, кој лани најави дека сака да ја анектира Канада како 51. држава на САД. Премиерката Смит минатиот четврток го откри заплетканото референдумско прашање на нејзината влада за иднината на западната прериска провинција што само го дополни хаосот во Канада:
„Дали Алберта треба да остане провинција на Канада или Владата на Алберта треба да го започне правниот процес потребен според канадскиот Устав за да одржи обврзувачки провинциски референдум за тоа дали Алберта треба да се одвои од Канада?“
Збунувачката синтакса на прашањето го одразува неговото измачувачко потекло: политика на негодување во прериите, импровизирана уставна теорија, лична амбиција, внатрешни борби, бодење зад грб, горчлив судски спор – и невидена злоупотреба на податоци.
„Аналогијата со ‘Брегзит’ се појавува одново и одново – и со добра причина. Како и Камерон, ова е поради поделбата во партијата на Смит. Но, колку и да беше тешко и комплицирано гласањето за ‘Брегзит’, ова е распаѓање на земјата“, рече Дуан Брат, професор по политички науки на Универзитетот Маунт Ројал во Калгари. „А ‘нејасното прашање’ што го поставува нејзината влада значи дека никој не е среќен“.
Што е најинтересно, обраќањето на Смит беше еден од најпроканадски говори на кој било политичар во Алберта. Дури и сепаратистите, луѓето што Смит сакаше да ги смири, го мразат референдумското прашање. Бидејќи гласањето е нејасно и необврзувачко, многумина го сметаа за предавство на нивните напори. Минатиот месец, сепаратистите триумфално доставија кутии со повеќе од 300.000 потписи во корист на референдум на кој ќе се праша дали жителите на Алберта сакаат да се отцепат. Но, неколку дена подоцна, напорите беа потресени од откритијата дека групата нелегално добила пристап до вредни и „неверојатно доверливи“ податоци од службени извори. Прашањата за интегритетот на 300.000 имиња на петициите беа навидум решени неколку дена подоцна, кога судот го поништи целиот обид. Судија пресуди дека провинциската влада не ги консултирала Првите Нации (домородното население), чии договори со Круната датираат од пред создавањето на Алберта. Но премиерката Смит изјави дека ќе продолжи со референдумското прашање за одвојување без оглед на судската одлука, посочувајќи на посебна контра-петиција која се залага Алберта да остане во Канада, потпишана од повеќе од 400.000 луѓе. Сепаратистите им ветија на гласачите автономија од федералната влада и огромно богатство од ресурсите на покраината.
Што беше на гласачкото ливче
До овде речиси да нема некоја нишка што може да ги поврзе Алберта и Македонија, освен можеби ситуацијата во владејачките партии. Потоа, во понеделникот, премиерот на Канада, Марк Карни, се повика на своето искуство со „Брегзит“ за да предупреди дека референдумот на Алберта за евентуално одвојување од Канада би можел да се покаже како „опасен блеф“.
Карни беше гувернер на Банката на Англија за време на гласањето на Велика Британија за напуштање на Европската унија во 2016 година. Тој сега води земја која би можела да види одвојување на нејзината западна покраина богата со нафта. „Јас од прва рака видов што се случи во Обединетото Кралство кога ставот беше, гласајте за ова, ќе биде меко, а потоа ќе преговараме“, изјави Карни за медиумите во Отава. Тој се осврна на сугестијата на некои гласачи и политичари, кои нужно не сакаа Велика Британија да ја напушти Европската унија, но сакаа да имаат референдум за тоа, мислејќи дека гласањето за „Брегзит“ ќе помогне да се извлечат отстапки од Европската унија додека остануваат во блокот.
„Тие сè уште, 10 години подоцна, се обидуваат да го поништат она за кое луѓето не мислеа дека гласаат“, додаде Карни.
Како гувернер на централната банка на земјата, Карни предупреди против „Брегзит“ и поради тоа од некои беше критикуван дека ја нарушил неговата аполитична улога.
Анкетата на Институтот „Ангус Рид“, која беше објавена во понеделникот, покажа дека 35 отсто од жителите на Алберта би гласале за отцепување од Канада, што значи дека би одговориле со „да“ на прашањето што ќе биде поставено во октомври. Коментарите на Карни беа најострите што ги даде досега на оваа тема. Досега, тој тесно соработуваше со Смит за да ја унапреди про-нафтената агенда, со посебна посветеност на изградбата на цевковод за транспорт на нафта од Алберта до брегот на Пацификот во Британска Колумбија за продажба на азиските пазари.
Објаснувајќи зошто сака да продолжи со референдумот, Смит минатата недела рече дека тоа е затоа што сака да ги почитува демократските права на жителите на Алберта. Карни ја отфрли таа идеја.
„Дали е корисно да се поставуваат овие фундаментални прашања?“, праша тој. „Не, не е од помош. Секако, не е. Дали е тоа демократска волја на жителите на Алберта? Дали гласаа за ова на последните покраински избори? Не, не гласаа. Не беше на гласачкото ливче; не беше во мандатите или платформите на владејачката партија и официјалната опозиција“, доаде тој.
Овде веќе можат да се побараат некои заеднички точки на двата државни ентитета во конфузија.
Оваа недела, за време на посетата на хрватскиот премиер Андреј Планковиќ во Охрид, македонскиот лидер, Христијан Мицкоски, се наврати на својата омилена тема – „преку мене не можат да се направат уставните измени и внесувањето на Бугарите“. Не спомена дека ќе чекаме децении ако треба за влез во ЕУ, додека не се исполнат македонските барања (како што тоа го направи извесно време порано), но навести дека неговата земја, барем додека тој ја води владата, е подготвена на долго и долго статус-кво. Како што Алберта се жали дека централната влада во Отава користела несразмерно многу од приходите што ги создава богатата прериска провинција, така и Мицкоски се жали дека Македонија била малтретирана од некои кои седат на масата на централната влада во Брисел.
„Сè додека билатералните спорови и тнр. булинг кон нас од страна на некои земји-членки, односно во случајот една земја-членка, се наша пречка за да бидеме дел од тоа семејство, ова што одамна го заслуживме, за жал, ќе се одалечува. Но ние не губиме надеж, не губиме енергија, туку напротив, ќе продолжиме силно да работиме и очекуваме дека ќе ја добиеме таа шанса да бидеме дел од тоа семејство. Нема повеќе можности за идентитетски отстапки, нема повеќе можности за чекор назад кога станува збор за нашите национални одредници. Колкава и да е таа цена којашто треба да ја платиме, оваа Влада е подготвена да ја плати. Ќе чекаме некои други подобри времиња“, рече тој.
Две години по изборите може да се послужиме со она што канадскиот премиер Карни го кажа за референдумот. „Дали е корисно да се поставуваат овие фундаментални прашања?. Не, не е од помош“, рече тој. Дали се ова фундаментални ставови за иднината на Македонија што ги кажува Мицкоски. На прв поглед може да изгледаат како такви. Но на втор, тие ја подјадуваат вкупната иднина на Македонија. „Дали жителите на Алберта гласаа за ова на последните покраински избори? Не, не гласаа. Не беше на гласачкото ливче; не беше во мандатите или платформите на владејачката партија и официјалната опозиција“, рече Карни.
Дали чекањето со децении беше на гласачкото ливче на изборите пред две години. Не, не беше. Дали на гласачкото ливче (не формално, туку во кампањата) беше пледоајето на ВМРО-ДПМНЕ дека доколку дојде на власт, ќе ја репреговара Преговарачката рамка; дека може да го поништи Преспанскиот договор, дека веројатно ќе се откаже од Договорот за добрососедство со Бугарија. Дека Северна Македонија за нив е „непостоечка“, туку само Македонија. Тоа беше на гласачкото ливче. Таму не беше сегашниот „цврст став“ Бугарија да направи некои законски (ако не може уставни) измени за подобрување на состојбата и правата на здружување на тамошните Македонци? Не, не беше. Дали на гласачкото ливче стоеше дека идната влада ќе се бори со сите возможни алатки да го намали, ако не може да го спречи, земањето на бугарски пасоши на овдешните граѓани? Не, не беше. Затоа што многу голем дел од овие „бугарски државјани“ се гласачи на партијата. Или седат на министерската маса во Владата. Или во пратеничките клупи.
ВМРО-ДПМНЕ и „магијата“
Тогаш што е „опасниот блеф“ во Македонија? Најавата дека ќе чекаме со децении додека не се исполнат барањата на оваа влада. Дека Мицкоски мисли да биде премиер со децении? Или тоа е „опасниот блеф“ за да бидат смирени некои структури во партијата, кои не се согласуваат со ваквиот тврдокорен радикален став? Не е исклучено. Или „опасен блеф“ може да биде и можната разврска во ВМРО-ДПМНЕ – ако Мицкоски го повторува својот тврдокорен став речиси секој ден, додека другите земји околу нас одат напред, во одреден момент тој и веќе да не биде премиер. Некој (или некои) да ја ослободи партијата од „магијата“ под која е фрлена и потоа со радикален рез, онака како Петер Маѓар го прави со наследството на Виктор Орбан, да ја ослободи земјата од маглите и пајажините и ВМРО-ДПМНЕ да прогледа. Иако тврди дека го виѓава народот секој ден.
Се разбира, дека ништо од ова не мора да се случи, но кој би можел да го отфрли тоа со сигурност. Во одреден момент она што се продава како свежо овошје излегува дека тоа било од конзерва со поминат рок.
И најпосле. Дали повикот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за распишување на раферендум за ЕУ би можел да стави во фиоката „опасен блеф“? Можеби повеќе како политички ризик. Затоа што еден општ повик крие многу замки за оние што владеат со земјата: какво би било тоа прашање, на што би се однесувало; дали со негативниот одговор Преспанскиот договор формално ќе престане да важи; дали со тоа ќе биде зацементирана нашата небиднина… и уште многу дали. Тоа изгледа како уште една фаза од притисокот на опозицијата за излез од ровот на ќор-сокакот, отколку што може да има реален импакт во владејачката политика.
Сето ова на крај може да заврши како од стиховите на елегичната балада на „Кинг кримсон“ – „Епитаф“: „Конфузијата ќе биде мојот епитаф/Додека ползам по испукана и скршена патека/Ако успееме, сите можеме да седнеме и да се смееме/Но, се плашам дека утре ќе плачам”.
Ако има уште солзи за плачање. Затоа што апатијата не поттикнува солзи, туку испразнети и тапи погледи.
Љупчо Поповски
Извор: dw.com/mk






