Прифатливата рамка за македонско-бугарската дебата
Денко Малески
Веќе извесно време си го поставувам прашањето што се случи со дебатата меѓу Македонија и Бугарија во која, со колеги професори од другата страна на гранизата,ја покренавме некаде пред 6 години. Каде исчезнаа широките теми за историјата на двата народи и за природата на меѓународниот систем и како дојдовме до точката целата денешна дебата да се све на само една нејзина димензија, и тоа не најважната: Бугарите во уставот – да или не. Само таа заглупувачка дилема и ништо друго. Зошто замре дебатата?

Потврдувам дека репресија од страна на политичарите и на медиумите кои се во нивна служба немаше, сепак, тие успеава да ги дефинираат границите на „прифатливиот“ дијалог и да замолкнат секаков друг. Всушност, во тие „разумни“ рамки, дури се поттикнува жестока размена на мислења која создава привид на слободна и отворена дебата. Создава и заблуда дека се зборува за суштината на спорот, која е исфрлена надвор од дозволените граници.
Така, нема дебата за тоа која е причината што нашот сосед целата листа барања кон нашата држава ја сведе само на уставните промени и што сака да постигне со тоа.Како ваквото бугарско барање за промена на уставот може да повлијае врз почеток на дебата која ја посакува бугарската страна а ја одбегнува македонската. Или, какви се односите на сили во ЕУ што и овозможуваат нашиот случај да стане дел од процесот на проширување и кои се ставовите на земјите-членки за нашата заедничка или одвоени истории . Може ли една мала држава како нашата да поставува услови за прием. Нели сојузите се формираат, примарно да ги бранат интересите на своите членки и колку тој факт треба да го условува нашиот став. Реално ли е, особено во овие воени времиња, да се очекува сојузот да го наруши своето кревко внатрешно единство во полза на држава апликант, особено сега кога главниот „помирител“ Америка и врти грб на Европа.
Што кажува примерот на Македонија за однпсот помеѓу моќта, принципите и правото. Каков е навистина светот и каков би сакале нашите политичари да биде. Сето ова е , замислете, вон опсегот на нашата дебата.Наместо за вакви теми, јавната дебата се води околу тоа дали треба или не треба Бугарите да станат дел од уставот. Треба или не треба да се бараат гаранции од ЕУ, наместо дали воопшто се можни гаранции во еден сојуз кој нашите политичари го нарекуваат „семејство“. Што стои зад овинувањето дека опозицијара се однесува предавнички а власта патриотски. Која е цената која политиката е спремна да ја плати. И на крајот се прашувам: Како се најдовме во оваа ситуација, да имаме жестока дебата за споредните а не суштинските работи во македонско-бугарските односи?
Читајте внимателно и работите ќе ви станат јасни. Ноам Чомски, американскиот лингвист и политичи мислител овој феномен го објаснува вака: „Итриот начин да се пасивизираат луѓето и да станат послушни е строго да се ограничи спектарот на прифатливо мислење, но да се дозволи жива дебата во рамките на тој ограничен спектар“. Во книга објавена заедно со економистот Едвард Херман во 1988, под наслов „Произведување на согласност…“, централното место го има таканаречениот „Пропаганден модел“ кој зборува за пет филтери кои го определуваат медиумскиот производ: (1)корпоративната сопственост, (2)рекламирањето како главниот извор на приходи,(3)зависност од информации од владата и бизнисот, (4)негативниот фидбек кој ги дисциплинира медиумите и (5)доминантната идеолошка контрола (во нивниот случај тогаш, анти-комунизам, кај нас денес – национализам). Значи, кога вестите ќе протечат низ овие пет филтери, смета Чомски,финалниот продукт е производ на волјата на елитите а не е происвод на демократска дебата. Неговото истражување се базира на америкаснкото искуство, но е и кусиот и прецизен одговор на она што се случува со бугарско-македонската дебата кај нас денес.






