ЖИТИ СЀ

Не можеме поради една Европска Унија да успориме со економскиот развој

Го слушам премиерот Мицкоски како раскажува дека Радев потрошил цела година да ги убеди европските лидери оти треба да се стават Бугарите во македонскиот Устав. А што правеше Мицкоски во тоа време како опозиција? Додека Радев работел на случајот како да ја блокира Македонија во ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ работеше како да го блокира владеењето на СДСМ. Ај што блокираа, туку сееја и омраза со „северџани“, „вакви-такви“, „не отварам врата на пописот“ и слични гадотии. И што прави сега кога е на власт? Исто. Пак секој ден се кара со СДСМ и сее омраза со „глодари“, „талог на општеството“, „мекотели“ и најново – „потпросечни политички медиокритети“.

Дека тие од ВМРО-ДПМНЕ се ептен натпросечно тврдо ткиво. Жити се!

А овие од СДСМ, пак, како да решиле да се самоубијат. Сто теми имаат за кои може да се фатат, а тие секој ден, Бугарите, па Бугарите во Уставот. Само нѐ потсетуваат на оној несреќен „француски предлог“ за кој се закачија Бујар Османи и Димитар Ковачевски. Како некој да им дал прирачник за самоуништување.

Остави ја ВМРО-ДПМНЕ нека нѐ внесе во ЕУ, како што вети на избори. На сите ќе ни биде подобро.

А не вака, кај што две години нема никакво помрднување на патот кон ЕУ, кај што нема дела, уште и грозни зборови слушаме. Од што немаат што да кажат власта и опозицијата, секој ден слушаме само како си кажуваат грозотии едни за други. Политички говор што прави уште поголема недоверба кон институциите.

Како ли мислат и едните и другите да обезбедат двотретинско мнозинство во Собранието ако еден ден се појави некое решение за промена на Уставот? Со овој речник – никако.

Претседателката на државата се слика на некои настани за културна дипломатија. Имаше и некакви соопштенија за спортска дипломатија. Фино звучи тоа, културна ем спортска дипломатија, ама ние немаме дипломатски односи меѓу партиите во Собранието. Нам ни треба дипломатија меѓу лидерите за да го дефинираат заедничкиот интерес на државата. Не, на партијата.

Ај нека пробаат дипломатијата да ја спроведат прво на домашен терен. Па макар и тајно нека се среќаваат. Оти, додека Радев патувал низ Европа да ги убедува европските лидери дека треба да нѐ натераат нас уште еднаш да го смениме нашиот Устав, во бугарското Собрание пратениците, колку и да се караа на телевизија, со консензус, едногласно ги усвојуваа сите резолуции и декларации со кои ја блокираа нашата европска иднина.

5.Се расипал автобус со кој се возеле на екскурзија  средношколци од гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. Не би требало да се случи, ама се случува. И дома колите ни се расипуваат.

Автобусот се расипувал четири пати во тек на ексурзијата. Родителите се јавиле во полиција, полицијата го запре автобусот и го испрати на технички преглед. Си ја заврши работата.

СВР Велес, што го запре автобусот, објави дека е утврдено оти имал проблеми со кочниците. А Град Скопје, што управува со средните училишта во главниот град, држи лекции по новинарство и ни кажа дека „при објавување на вакви или слични текстови согласно новинарската етика да биде консултирана и другата страна“.

Е која друга страна, де? Сега и МВР ли треба да го проверуваме? И кај кого да го проверуваме? Кај премиерот ли, во Собрание ли?

Ај што власта ни кажува да си проверуваме какви станови купуваме, кај кои доктори да се лекуваме, во кои дискотеки да излегуваме, сега да не треба и дома секој да има станица за технички преглед?

Моите деца завршија во „Орце Николов“ и не можам да ја препознаам реакцијата на гимназијата, која уште од самиот почеток се обидува да го минимизира случајот. Па уште и им се заканувале на децата дека веќе нема да одат на екскурзија. Во времето на моите деца оваа гимназија беше на страната на учениците.

Како на ова школо сега туристичката агенција му стана поважна од децата?

Како воопшто се брани нешто неодбранливо? Само со ароганција. Дека од таа ароганција, што покрива неодговорност, малку проплакавме после Кочани, „Дурмо турс“, Ласкарци… Скраја да е.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close