Одбраната на Богоев нуди 60.000 евра гаранција за да излезе од 30-дневен притвор

Одбраната на поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, поднесе жалба до Основниот кривичен суд Скопје против одлуката за определување 30-дневен притвор. Во обид да издејствува негово бранење од слобода, адвокатскиот тим на Богоев понуди парична гаранција во износ од 60.000 евра, комбинирана со предлог за поблаги мерки за претпазливост.

​Во жалбата, која веќе е заведена во Судот, одбраната ги оспорува основите по кои судијата на претходна постапка ја одреди најстрогата мерка – опасноста од бегство и можното влијание врз сведоците. Бранителите потенцираат дека станува збор за предмет од финансиска природа, а не за насилен криминал, и тврдат дека понудениот износ на пари и имот, заедно со алтернативни мерки, се целосно соодветни за да се обезбеди неговото присуство во текот на истрагата и да се оневозможи каква било комуникација со инволвираните лица.

​Истрагата, која ја координира Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), се однесува на сомневања за сериозни злоупотреби при јавна набавка за одржување на хигиената на граничните премини и царинските терминали во периодот од јули 2023 до март 2024 година. Според обвинението, преку фаворизирање на одредена фирма била овозможена противправна корист од околу 300.000 евра, при што поранешниот директор Богоев дополнително се товари дека примил поткуп во износ од 1.800 евра (111.600 денари). За случајот веќе се притворени уште три други лица, меѓу кои и помошник-директор на Царината.

Извор: revolucioner.com

Back to top button
Close