Продолжи судењето на апелацискиот судија Ѓоко Ристов – тој рече дека не се чувствува виновен

Обвинителката за гонење организиран криминал, Искра Хаџи Василева, ја започна доказната постапка против апелациониот судија Ѓоко Ристов, на кого му се става на товар кривично дело прикривање и перење пари, по наводно откривање на 350.000 евра скриени зад кујнски плочки во семејната куќа во Неготино.
Обвинителката пред судот презентираше и податоци од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за имотната состојба на Ристов и неговата сопруга, Симона Зориќ-Ристова, вработена во Државното правобранителство. Беа приложени имотни листови од 2008 и 2021 година, во кои се прикажани недвижности, возила, акции и кредити, како и податоци за семејни и деловни поврзаности.
Посебно внимание во постапката беше посветено на кредит за стан во Охрид, земен преку „Охридска банка“ и поврзан со фирмата „Алма комерц“ на Љупчо Пецов-Ѓаволот, за кого Ристов претходно одлучувал во судски постапки. Станот подоцна бил пренесен на таткото на сопругата, при што, според обвинението, биле вклучени сложени финансиски и полномошни конструкции меѓу инволвираните лица.
Како дополнителен доказ беа изнесени судски одлуки од 2017 и 2021 година поврзани со Љупчо Пецов, во кои Ристов одлучувал во негова корист, како и видео-снимки од средби меѓу Ристов и поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, вклучително и во просториите на Апелацискиот суд. Стафа претходно призна вина во поврзан случај за примање поткуп.
Одбраната побара присуство на вештакот кој ги изготвил наодите за биолошките траги и доказниот материјал, по што судот ја продолжи постапката.
Обвинетиот Ѓоко Ристов пред судот изјави дека не се чувствува виновен по обвиненијата што му се ставаат на товар.






