АНАРХИЧНИ КВИР ТЕЛА И ПОЕЗИЈА Вечер со Култура Бета на Фестивалот Викенд на гордоста Скопје 2026

На 10 јуни, со почеток во 20:00 часот во Бар Љубов, ќе се одржи вечер на „Анархични квир тела и поезија” – настан на Култура Бета посветен на книжевни промоции, поетско читање и музичка програма, што низ литературата, критиката и уметничката практика го истражува квир постоењето како културна, политичка и поетска позиција.

Во рамки на вечерта ќе бидат промовирани вториот број на списанието за општа култура „Тригер”, во издание на Култура Бета, како и публикацијата „Избор од современата македонска квир поезија”. Промотивниот разговор ќе отвори простор за критичко промислување на квир културата, книжевноста, уметноста, идентитетите и јазикот, поставувајќи ја квир културата не како маргинална појава, туку како суштински и значаен дел од современата домашна и регионална културна сцена.

Вториот број на списанието „Тригер” е целосно посветен на квир културата, уметноста, теоријата, книжевноста, поезијата, филмот и критиката, со особен фокус на македонската, регионалната и меѓународната квир сцена. Публикацијата отвора простор за афирмација на настраното постоење, уметност и култура, преиспитувајќи ги нормативните граници на родот, сексуалноста, традицијата и патријархалните структури. Преку ова издание, Култура Бета предлага пошироко разбирање на квирот како форма на отпор кон сите хетеронормативни, капиталистички и репресивни општествени модели.

Промоцијата на „Избор од современата македонска квир поезија” претставува обид за ново исчитување на македонската книжевност низ квир перспектива, надминувајќи ги ограничените сфаќања за квир книжевноста како исклучиво литература поврзана со ЛГБТК+ идентитетите. Изборот отвора простор за пошироко разбирање на квир поетиките преку теми како родова флуидност, неприпадност, слобода, безбедност, телесност, митологија, еколошка свест, антикапитализам и феминистичка критика. Со тоа, публикацијата придонесува кон проширување на самото значење на квир книжевноста во македонскиот културен контекст.

Во промотивниот разговор ќе учествуваат Андреј Медиќ Лазаревски како модератор, заедно со Марија Велинова, Стефан Спасовски и Ивана Јовановска, по што ќе следи поетско читање на застапените авторки и автори, како и диџеј програма.

image.png

Здружението за афирмација на младинската култура Култура Бета е младински колектив што се занимава со креативен, уметнички и културен активизам и промоција на младинска, независна и алтернативна култура. „Култура Бета” е организатор на неколку книжевни и поетски читања, на фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура”, на бројни концерти и свирки, изложби и работилници. „Култура Бета” за занимава и со издаваштво, го објавуваат списанието за општа култура „Тригер”, како и збирки поезија, романи и друга книжевност. Фокусот на „Култура Бета” е насочен кон младинската култура и културниот активизам и веќе шест години успешно продираат во македонскиот културен контекст.

image.png

Со оваа вечер, Викендот на гордоста Скопје 2026 продолжува да отвора простор за квир културата како поле на политичка имагинација, книжевен отпор и колективна еманципација, афирмирајќи ја уметноста како суштинска алатка за преиспитување на нормите и создавање нови културни хоризонти.

Фестивалот ќе трае до 13 јуни, а се одржува во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, Драмски театар, Котур филм и кафе и Љубов бар.

Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Викенд на гордоста – Скопје, со тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно” предлага квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации туку и нашето телесно искуство. Повеќе за тематската поставка АНАРХИЧНИ ТЕЛА можете да прочитате ТУКА. 

Целосната програма можете да ја погледнете ТУКА.

Back to top button
Close