(Видео) Нова драма кај Плуждино: Пожарот повторно се активираше – 1 лице повредено

Пожарот во месноста Плуждино кај Штип, кој вчера избувна најверојатно по удар на гром, денеска повторно се разгоре и, според информациите од терен, е посилен од вчерашниот. Огнената стихија зафати поголема површина и предизвика нова мобилизација на противпожарните екипи.

Според првичните информации, едно лице е повредено, а најмалку една куќа е зафатена од пожарот. Засега нема официјални детали за степенот на повредите и за материјалната штета.

Пожарот првично избувна вчера на патот кон градските гробишта во месноста Плуждино, при што силниот ветер придонесе огнот брзо да се прошири кон ридовите над градот. Пламените јазици се движеа во правец на населените места, поради што беше побарана помош и од противпожарните единици од Кочани и Свети Николе.

Во текот на ноќта пожарот беше ставен под контрола и локализиран благодарение на интервенцијата на пожарникарите, доброволците и локалните служби, а надлежните тогаш соопштија дека нема повредени лица и дека куќите биле заштитени од огнот.

Сепак, денешното повторно разгорување на пожарот покажува дека опасноста сè уште не е целосно отстранета. Екипите и понатаму се на терен и работат на ставање на огнот под контрола, додека надлежните внимателно ја следат состојбата за да спречат понатамошно ширење на пожарот кон населените места.

Упатен е итен апел до надлежните институции за брза интервенција поради големиот пожар над штипско Ново Село, кој повторно се разгорел и се шири со голема брзина.

Граѓаните бараат од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, како и од сите надлежни служби, под итно да бидат ангажирани авионите и хеликоптерите за гаснење на пожарот од воздух.

Според сведоштвата од терен, огнот веќе зафатил викендички и се движи низ исклучително непристапен терен каде што речиси е невозможно да се интервенира со возила и пешки екипи.

„Потребна е помош од небо. Човечка нога тешко може да стигне до местото. Пожарот се шири во непристапен предел, а ветерот дополнително го разгорува. Ситуацијата е сериозна и постои опасност од уште поголема хаварија доколку не се реагира веднаш“, апелираат граѓаните.

Тие тврдат дека станува збор за повторно активирање на вчерашниот пожар и изразуваат сомнеж дека огнот повторно е подметнат.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека веќе дејствува „ер трактор“ на ДЗС во гаснењето на пожарот над штипско Ново Село.

Тој соопшти и дека има повредено лице, сопственик на викендица зафатена од пожарот.

„Веќе дејствува ер трактор на ДЗС. Има повредено лице, сопственик на викендица. Набргу ќе бидам на лице место“, напиша Ангелов.

Видео од ТВ Стар во ЖИВО:

Back to top button
Close