Сенатската комисија во САД изгласа зголемување на воената помош за Украина на 750 милиони долари

Комисијата за вооружени сили на американскиот Сенат гласаше за продолжување на американската помош за Украина и за зголемување на одобреното финансирање на 750 милиони долари, што претставува уште еден институционален одговор против кратењето на поддршката за Киев од страна на администрацијата на Доналд Трамп.

 

Оваа одлука е вклучена во верзијата на Сенатот за Законот за трошоци за национална одбрана (NDAA) – годишен закон со кој се одредува политиката на Пентагон, при што за воениот ресор се користи и името Министерство за војна.

 

Комисијата, со која раководи републиканското мнозинство, соопшти дека ја финализирала својата верзија на законскиот текст кој предвидува 750 милиони долари за Иницијативата за безбедносна помош на Украина, фонд од кој се плаќаат американски компании за производство на оружје наменето за украинската армија. Обемниот предлог-закон, кој предвидува вкупно 1,15 трилиони долари за одбрана, детално одредува сè – од бројот на бродови, авиони и ракетни системи што ќе бидат купени и зголемувањето на платите на војниците, па до стратегиите како САД да се справат со глобалните геополитички закани.

 

Текстот експлицитно забранува средствата одобрени со овој закон да се трошат за какви било активности со кои би се признал суверенитетот на Русија врз меѓународно признатата територија на Украина. Исто така, му се наложува на министерството редовно да и дава разузнавачки податоци на владата во Киев со цел поддршка на воените операции за одбрана или враќање на украинските територии.

 

Оваа објава на сенатската комисија доаѓа една недела откако Претставничкиот дом на Конгресот го усвои законот за помош на Украина и за воведување нови санкции против Русија. Верзијата на Сенатот обезбедува „повеќегодишни овластувања за јавни набавки“ за неколку видови муниција и вооружување, вклучувајќи ги ловците „Ф-15“ на компанијата „Боинг“ и ловците „Ф-35“ произведени од „Локид Мартин“.

 

Овогодишниот предлог-закон се наоѓа на неколку чекори од негово конечно стапување нво сила. Откако комисиите на двата дома го одобрија текстот, тој мора поединечно да биде изгласан на пленарни седници во Претставничкиот дом и во Сенатот. Потоа, членовите на двете комисии ќе треба да усогласат компромисен предлог, кој повторно ќе оди на гласање во двата дома, пред да биде испратен во Белата куќа, каде што Трамп може да го потпише или да стави вето. Сенатската верзија ја поддржа и желбата на Трамп, на која претходно се противеа демократите, Министерството за одбрана официјално да се преименува во Министерство за војна.

 

Иако голем дел од конгресмените од двете партии силно ја поддржуваа Украина во првите години по почетокот на руската руска инвазија во февруари 2022 година, дел од најблиските републикански сојузници на Трамп, вклучувајќи го и раководството на двата дома на Конгресот, се дистанцираа од Киев по враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари 2025 година.

 

Помошта од Вашингтон бележи застој во период кога Русија и Украина продолжуваат со меѓусебни интензивни напади со ракети, дронови и артилерија. Мировните преговори се во ќор-сокак откако Украина го одби барањето на рускиот претседател Владимир Путин за откажување од териториите кои украинските сили успешно ги бранат од 2022 година.

Back to top button
Close