Љубовта не е пораз, таа е сила
Трифун Костовски
Почитувани читатели, во име на љубовта, ќе пишувам токму за моќта на љубовта, за нејзината бескрајност, универзалност и автентичност. Љубовта е синоним на највредното нешто без кое не би постоел животот. Најдрагоцениот капитал кој го носиме во себе, каде и да сме. Секако, мислам на љубовта кон сите сфери од нашиот живот, на љубовта како универзална вредност, како на пример љубовта кон татковината или родољубието, љубовта кон својот род, кон роднините, пријателите и соседите, кон другарите, знајни и незнајни сопатници и случајно минувачи, љубовта кон својот животен сопатник, кон сета флора и фауна, кон мајката Земја.

Човек кој знае да сака не мора да ја искажува љубовта со зборови, доволни се делата да ја потврдат. Оружан со сета љубов која ја носи во себе не ја покажува само со испишани фрази, туку со дела. Кога на таква љубов, во нашата македонска реалност, се фрла стигма преку измислени или зготвени во политичките кујни афери, тогаш крајно време е да се преиспитаме што голтаме од животот. Лажниот живот е пеколен живот, затоа што се служи и им слугува на лагите.
Моите сограѓани веќе ме судат и осудуваат. Не може да ја видат суштината, па наместо по магарето удираат по самарот. Не сум јас непогрешлив, ниту безгрешен, но ниту една животна грешка не била производ на моите лоши намери.
Почитувани мои сограѓани, дај Боже никој од вас да не биде жртва на системот за да ја почувствува истата болка. Суштината на проблемот е токму во државниот систем, а кога државниот систем станува проблем, тогаш народот е решение. Љубовта кон татковината не е слабост или пораз. Пораз е кога молчиме пред неправди.
Ако љубовта кон татковината денес се казнува, тогаш проблемот не е во љубовта, туку во системот кој не препознава вистински патриотизам. Вистински патриотизам не е парола, не е знаме само за сликање и говор за аплауз. Вистинскиот патриотизам е жртва, посветеност и работа со конкретни резултати.
Кога во една држава владеат корупцијата и криминалот и кога граѓаните се убедени дека тоа е нормална појава, тогаш се прашувам, зошто дозволивме изминатите 36 години државата да ја водат луѓе без знаење, искуство и луѓе со ниски пориви за лично богатење? Убеден сум дека истото прашање си го поставуваат многумина како мене.
Најавениот нов политички субјект од моја страна има многу повисоки цели од голи амбиции за лидерство. Не ни треба уште еден лидер што ќе владее над луѓето, ни треба тим од лидери што ќе ѝ служат на државата. Не сакам да бидам лидер, туку да создадеме тим од лидери во сите области на нашето општество, со кои заеднички ќе се бориме во три базични проблеми: без компромисна борба против криминалот и корупцијата; да ја убедиме младата популација да не заминува од нашава татковина давајќи ѝ можност за достоинствен живот и иднина, за создавање нови поколенија во нашата држава; и трета битна стратегија е да создадеме силна економија со која ќе обезбедиме достоинствен живот за нашите граѓани, како и силна поддршка за сите сегменти од нашето живеење, спортот, културата и уметноста.
Ова се трите базични сегменти кои што треба да овозможат просперитетна држава на достоинствени граѓани, навистина почитувани од нашите соседи и целата светска заедница. Почитувани читатели, мојата искреност и професионалност низ животниот пат ми донеле многу успеси на сите животни полиња. Во држави каде што постои вистински правен систем, успеав да создадам сериозен капитал, во целост внесен во мојата татковина.
Како стопанственик, никогаш немав намера да се занимавам со политика. Да се биде политичар е многу сериозна и одговорна професија, која во основа треба да го креира севкупниот живот во државата.
Со моето влегување во политиката, како пратеник во Собранието на РМ и како Градоначалник на Град Скопје, имав чесни намери, да ја покажам преку дела мојата љубов кон татковината и градот Скопје.
Не влегов на овие функции да заработам, туку да вратам. Да покажам, на моите сограѓани, каков треба да биде приодот во градењето вистинска држава. Држава без правда е куќа без темел, а народ без надеж станува номад, иселеник од сопствениот дом. Со заминување на младите генерации не заминува само една генерација. Со нив си заминува иднината.
Жално е што за мојата функција како градоначалник, во кујните на најголемите македонски политички партии се пласираат невистини за мојот вложен труд на оваа јавна функција. Македонија има иднина само ако знаењето ќе биде поважно од партиската книшка, а чесноста поважна од послушноста!
Бидете убедени дека сум единствениот градоначалник кој наследи функција со повеќе од 80% долг од годишниот буџет на Град Скопје. Ја стабилизирав финансиската состојба на Град Скопје и веќе во втората година од мојот мандат, од страна на американската агенција за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс” и кредитниот рејтинг на Град Скопје беа оценети со ББ+ , двојно повисок од кредитниот рејтинг на тогашната влада на Груевски.
Капиталните инвестиции што ги направив се дела не може да се избришат.
Јавните претпријатија ги стабилизирав на највисоко ниво и ја напушти функцијата Градоначалник, оставајќи го Град Скопје без никаква финансиска обврска или долг. Оставив во касата на градот полни 8 милиони евра со кои требаше да се отпочне капиталната инвестиција за изградба на првата фаза од финалниот проект ,,Трамвај” на релацијата Лисиче-Центар и назад.
Во овој финален проект беше предвидено депо за 48 трамвајски композиции , со утврдена траса и трамвајски станици. Проектот веќе го нема во евиденцијата на Град Скопје, бидејќи истиот беше уништен со доаѓањето на новиот градоначалник. За мене, од сѐ уште неразбирливи причини .
Последиците од ескивирање ваков проект денеска сите ги чувствуваме. Скопје живее во тотален сообраќаен хаос, а финансиските средства кои јас ги оставив за отпочнување на овој финален проект се изедоа без да се направат конкретни дела.
Почитувани читатели, кога би знаел дека мојата татковина има здрав државен и политички систем, не би помислил да влезам во политика.
Мојот животен пат ме научи никогаш да не се откажувам од љубовта кон сопствената татковина и просперитетот на моите сограѓани.
Ве молам разбудете се! Во следниот период ќе дадам конкретни предлози за меѓусебно комуницирање со цел да створиме нов политички субјект.
Националната, верска па дури и партиска припадност за членство во новиот правен субјект не се битни. Најбитното е да направиме систем од поединци, без разлика на нивната возраст, наоружани со знаење, искуство и карактер за чесност и љубов кон татковината и своите сограѓани.
Не барам поддршка за лична победа. Барам будење за заедничка победа. Македонија не смее да биде повеќе држава на страв, корупција и иселување. Таа мора да стане држава на правда, знаење, достоинство и иднина, а таа борба не започнува од партија, започнува од секој чесен човек кој ја сака својата татковина.
Македонија ќе има иднина само ако знаењето биде поважно од партиската книшка, а чесноста поважна од послушност. Време е да престанеме да се делиме по партии, вери и нации. Крајно време е да нѐ обединуваат чесноста, знаењето и љубов кон татковината.





