„Тони“ го заслужи местото во „Галимар“: Румена Бужаровска трет пат објавена во реномираната издавачка куќа

Угледната француска издавачка куќа „Галимар“ пред 475 француски книжари го претстави „Тони“ – првиот роман на нашата Румена Бужаровска, кој на македонски јазик доживеа четири изданија!
Претставувањето беше дел од промоцијата на романот, кој ќе се објави на 3 септември годинава, во превод на Клое Бијон. По збирките раскази „Мојот маж“ (2022) и „Не одам никаде“ (2025), ова е трето дело на Бужаровска што е препознаено и објавено од „Галимар“.
По излегувањето од печат во декември 2024 година, „Тони“ ги освои читателите во Србија („Бука“, 2025), Хрватска („Фрактура“, 2025), Црна Гора („Нова књига“, 2025) и Босна и Херцеговина („Бука“, 2025). Во мај годинава беше објавен и на шпански, од издавачката куќа „Едиторијал импедимента“ од Мадрид.
Во текот на следната година романот ќе биде објавен во Португалија, САД, Грција и Албанија.

Румена Бужаровска (1981, Скопје) е писателка, преведувачка и професорка. Авторка е и на четири збирки раскази преведени на повеќе од петнаесет јазици.

Расказите од збирките Мојот маж и Не одам никаде добиле мноштво меѓународни признанија и рецензии и се поставени како шест театарски претстави во земјата и во странство. Бужаровска е авторка на Господ, па Америка (2024), збирка есеи, како и студија за хуморот во расказот За смешното (2012).

Како книжевна преведувачка од англиски на македонски, превела дела од Џ. Д. Селинџер, Џ.М. Куци, Луис Карол, Труман Капоти и Фланери О‘Конор. Една е од трите авторки на феминистичкиот поткаст Радио Милева, а е и ко-авторка на инцијативата за раскажување женски приказни ПичПрич.Предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет во Скопје.

Back to top button
Close