Европскиот парламент пресече: Вториот протокол останува во извештајот за Македонија
Европскиот парламент денеска на пленарна седница во Стразбур го усвои извештајот за напредокот на Македонија за 2025 година, при што во текстот остана и упатувањето на Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Резолуцијата доби поддршка од 411 европратеници, додека 120 гласаа против.

Пред гласањето се водеше интензивна дебата околу деловите што се однесуваат на исполнувањето на обврските од преговарачката рамка со Европската Унија.
Отфрлен беше амандманот на известувачот Томас Вајц, со кој се бараше бришење на ставот 73 од извештајот. За задржување на спорниот став гласаа 338 европратеници, додека 126 беа за негово отстранување. Со евентуалното усвојување на амандманот ќе беше избришано директното споменување на Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.
Во ставот 73 се повикува Заедничката историска комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, темелејќи ја својата работа на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, во согласност со Вториот протокол. Во текстот се споменува и концептот на „заедничка историја“.
Премиерот Христијан Мицкоски пред гласањето ги повика европратениците да ги поддржат амандманите со кои билатералните протоколи нема да бидат третирани како составен дел од преговарачката рамка на ЕУ.
„Ако Европа сака да го задржи својот кредибилитет, тоа треба да го направи и да ја исправи неправдата што ѝ е нанесена на Македонија. Ги охрабрувам европратениците да се држат до европските вредности дефинирани од Шуман, Аденауер и Де Гаспери при формирањето на Европската Унија“, изјави Мицкоски.
Во извештајот повторно се нагласува дека Македонија треба да ја исполни обврската за уставните измени. Потврден е и ставот на Советот на ЕУ дека следната меѓувладина конференција ќе се одржи откако земјата ќе ги спроведе потребните уставни измени.
Во ставот 71 се осудуваат обидите за замена на историски споменици и артефакти, како и уништувањето на автентичното културно наследство. Воедно се изразува жалење поради уништувањето и фалсификувањето на бугарски натписи, а се нагласува и потребата од отворање на архивите на поранешните југословенски тајни служби УДБА и КОС, кои се чуваат во Македонија и Србија.
Извештајот нотира и недоволен напредок во повеќе области, но ја истакнува стратешката важност на Коридорот 8, поддршката за изградба на прекуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, како и потребата од целосно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.






