360 анализа- (ВИДЕО) Што вети, а што (не) исполни Владата за две години работа
Деновиве навршуваат две години од изборот на Владата предводена од Христијан Мицкоски. Меѓу клучните заложби во програмата беа силен економски раст, задржување на младите во земјава и реформи во здравствениот и образовниот систем.
„Нема да барам никакви сто дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш, немавме ниту една секунда изминатиов период“,
рече своевремено премиерот.

Со стартот на работата на новата влада, група невладини организации предводени од „Фајненс Тинк“ почнаа со следење на исполнувањето на ветувањата во неколку клучни области. Сега, ги презентираа најновите наоди.
„Граѓаните многу често не се доволно информирани за кои се сите дадени ветувања. Во принцип вниманието се фокусира на пропулзивни, кампањски ветувања додека останатите ветувања остануваат невидливи за јавноста“,
кажа Благица Петрески од „Фајненс Тинк“.
Што вети, а што исполни новата влада во првите две години работа?

Економската слика за Македонија, по втората година од мандатот на Владата на Христијан Мицкоски, покажува подобрување кај одредени макроекономски параметри. Расте Бруто домашниот производ, расте извозот, нотираат од невладината организација „Фајненс тинк“.
Но, истовремено, има и сериозни ризици поради неконзистентноста на владините чекори, вели Благица Петрески. Инфлацијата, сивата економија и недоволните странски инвестиции остануваат критични точки.
„Зошто е ова значајно? Затоа што веќе забележуваме дека во програмата има и ветувања коишто втора година по ред не се исполнети, а тоа пак упатува на потенцијален јаз помеѓу она што на почеток се ветува во самите програми и она што станува приоритет за реализација во текот на мандатот на Владата. Затоа што веројатно во текот на дизајнот на програмите се ставаат многубројни мерки коишто или не се сериозен приоритет или се само таксативно наведени, па така доаѓаме и до јазот помеѓу дадените ветувања и очекувањата на граѓаните. Затоа што и очекувањата на граѓаните од друга страна не секогаш се во линија со она што владата ветува“,
кажа таа.
Сумирано, од 45 ветувања што тие ги следат од социо-економски аспект, целосно реализирани се само пет. 11 се водат „во процес на исполнување“. 21 се водат како неисполнети, а оценката за други седум ветувања е дека се движат во обратна насока од првично ветеното. За еден параметар нема податоци.

Причината за неисполнувањето на значаен дел од мерките или пак ефектите кои се спротивни од првично ветените, вели Петрески, е системската недоследност при носењето одлуки. На пример, Владата ветува намалување на буџетскиот дефицит, а во исто време нуди програма со даночни ослободувања и повисоки пензии.
„Една од клучните препораки за тековната влада меѓутоа и сите идни политички партии е кога се дизајнираат политичките ветувања да се води сметка за конзистентноста на ветувањата од аспект на не може истовремено да даваме фискална… да имаме и фискална консолидација и да имаме зголемување на расходи или намалување на приходи и тука треба во моментот владата да направи на некој начин трејд-оф или избор на кое од дадените ветувања ќе биде реализирано затоа што истовремено нема услови за реализација на сите овие ветувања“,
вели Петрески.
Младинскиот образовен форум е задолжен за мониторинг на младинските политики. Ристо Савески вели оти од вкупниот број планирани проекти кои ги следат, целосно се завршени четири, а пет се во фаза на реализација. Ист број, пет, се и ветувањата кои се водат како неисполнети, два ветувања одат во спротивна насока, а за дури седум ветувања немаат податоци.
„Она на кое што треба да се фокусира Владата, а што го има ветено, е скратено работно време за студенти. За ова е потребно изготвување на законско решение, односно да се овозможи самите студенти да работат со скратено работно време. М-апликација за младински стандард – Министерството за дигитална трансформација е едно од би рекол најпрогресивните министерства и најисполнително министерство, меѓутоа не успеа да ја креира апликацијата М-апликација за младински стандард каде што младите луѓе ќе можат да пристапуваат кон многу ветувања, односно многу услуги од страна на Владата и сметам дека Владата конкретно треба да се фокусира кон ова“,вели тој.

Постои сериозно разминување помеѓу заложбите за нови работни места со реалните бројки на терен, вели Савески, и додава дека клучните програми за преквалификација на младите се целосно закочени.
„Владата има убав план, меѓутоа го нема операционализирано истиот и оттаму мислам дека треба да се фокусира и за другите мерки да изготви одреден мерлив, реален план како да ги спроведе ветувањата. Тука исто би ги спомнал и бројката од 5 000 обуки, ИТ обуки кои ги има ветено Владата. Во текот на 2024 има реализирано околу 700 обуки. Во текот на 2025, иако има ветено значи по 1 000 обуки во година, нема реализирано ниту една. И оттаму сметам дека за сè треба да има мерлив и реален план со кој ќе се остварат ветените мерки“,
кажа Савески.Здравството како сектор е под мониторинг на Македонското лекарско друштво. Оттаму нотираат дека одлуките за зголемување на капитационите бодови за матичните лекари и укинувањето на економските директори се за поздрав, но оти тоа е недоволно.
„Во одредени области нема сè уште значаен напредок. Започнати се одредени процеси, но сè уште не се целосно реализирани. Тука би ги спомнал процесот на дигитализација, листите на чекање, односно пристапот кон специјалистичките здравствени услуги и една подлабока реформа на болничкиот систем, особено регионализација на болниците. „Мој Термин“ сè уште функционира по претходниот, да кажеме, стар модел, сè уште нема доволно развиено одредени алатки коишто ќе бидат во служба на здравствените работници, а секако и пациентите. Сè уште постои еден поголем административен товар кај здравствените работници којшто се најавуваше дека ќе биде реализиран. И она што е важно е дека пациентите не гледаат суштински промени во однос на времето на чекање и секако координацијата помеѓу различните нивоа на здравствена заштита“,
изјави д-р Кирил Солески.Од вкупно 31 индикатор, како исполнети се водат 4, во фаза на реализација 5 и дури 22 како неисполнети. Според д-р Солески, приоритет во периодот кој претстои мора да бидат барањата на пациентите.
„Тука зборуваме за пократка листа на чекање, подобар пристап до специјалистичките услуги, дигитални, функционални дигитални алатки, подобра Итна медицинска помош, стабилен здравствен кадар – тука мислам за задржување на младите лекари во државата, подобар пристап кон современа терапија. И секако, многу е важно процесот на зајакнување на примарното здравство треба да биде воден паралелно бидејќи ако немаме доволно јака примарна здравствена заштита, ќе доведе до оптоварување на болниците“,
кажа д-р Солески.

За разлика од претходните сектори каде висок процент од ветувањата се неисполнети, во образованието сликата е подобра. Исполнето е значително од планираното во основното и средното образование, како и во делот на инклузијата.
Ана Мицковска-Ралева од Македонскиот центар за граѓанско образование вели дека продолжувањето на постоечките политики наследени од претходниот состав, наместо почнување на целосно нови проекти од нула, е позитивен пример.
„Образованието е сектор во којшто не можеме да очекуваме нагли промени и веднаш да видиме резултати. Така што е многу важно да бидеме нели, и владата да биде посветена на одредени реформи, одредени процеси подолг временски период, да може да ги следи, да ги адаптира каде што има потреба. И во тој аспект добро е што одредени политики имаат континуитет, имаат продолжување, нема некои нагли промени“,
изјави Мицковска-Ралева.Низ бројки, од 38 ветувања од областа на образованието, 12 се водат како исполнети, а 22 ветувања се означени дека се во насока на исполнување. Само 2 ветувања на се исполнети, а за уште 2 нема податоци.

Најголемиот предизвик, според Мицковска-Ралева, се реформите во високото образование.
„Во владината програма имаше голем број на мерки предвидени за високото образование. Тие сè уште се во насока на планирање, со оглед на тоа што три многу битни закони за високо образование сè уште се во процедура на донесување. Така што добар дел од мерките се предвидени во овие закони, меѓутоа бидејќи процесот на консултации сè уште трае, не можеме да кажеме дека се остварени, но се во насока на остварување. Така што овој сегмент, високо образование, како минатата година така и оваа година е со најбавен раст, можеме да кажеме“,
рече Мицковска-Ралева.Единствената област која е предмет на мониторинг, а во кој Владата нема никаков напредок, се ветувањата поврзани со родовата еднаквост.
Се на се, од вкупно 142 ветувања кои биле предмет на анализа, исполнети се 25, во фаза на исполнување се 43, неисполнети се 55, спротивно на ветувањата се работи во 9, а нема податоци за 10. Има напредок од лани, но има и празнина меѓу она што било ветено и она што е исполнето.







