Америка се согласи да изгуби во Иран, Русија нема во Украина
Денко Малески
„Одвраќање“ беше зборот кој го чуваше светскиот мир во времето на Студената војна. Имено, двете нуклеарни сили беа свесни дека напад врз ривалот ќе резултира во „сигурно взаемно уништување“ или MAD (mutual assured destruction).

По некоја случајност зборот „mad“ значи „луд“. Тоа беа времaиња кога политичките водства на ниту една страна, САД и СССР, но и другите големи сили со нуклеарно оружје, како Кина, Франција или Британија, не беа доволно луди воено да го провоцираат непријателот. За разлика од трие времиња, денес, се изгуби стравот од нуклеарна одмазда, па фактот дека Западот секојдневно ја провоцира најголемата нуклерна сила во светот, Русија,кажува дека стратегијата на „одвраќање“ веќе не важи.Додуша, после средбата на Трамп и Путин во Аљаска, Америка како да ја увиде грешката и почна да се повлекува од војната во Украина, но тоа само ги охрабри европските политичари да ја продолжат војната, во очајнички напор да ја задржат Америка на нашиот континент, слично како Израел на Блискиот Исток. Разумните луѓе во светот се фаќаат за глава, ужаснати од можноста сето ова да заврши трагично по човештвото.
Асиметричната војна помеѓу слабиот и силниот, која ја овозможува технологијата на дронови и ракети,и која Иран така успешно ја користи за да ја победи Америка, го запре напредувањето и на руските сили на теренот во Украина и ги крена надежите дека големата нуклеарна сила може да биде поразена. На што точно се базираат овие претпоставки, не им е јасно на воените аналитичари свесни дека со своите „бутик-армии“ и со својата инфериорна нуклеарна сила единствен пат за Европа до мир е преговори со Москва. Во меѓувреме, илјадници дронови се испраќаат кон цели длабоко во територијата на „мајка-Русија“, па и врз Москва, го менуваат политичкото расположение во државата. Радикалните позиции добиваат во силина, па и онаа дека Западот мора да биде потсетен од Русија со кого си имаат работа. Путин, засега, успешно се опира на притисоците да ја ескалира војната, како задари големите загуби во руски војници изложени на новата технологија, така и за да не го обедини НАТО и да ја врати Америка во војната. Извештаите од теренот за напредувањето на руските сили, колку споро да е, кажува дека Москва ќе стори се да одбегне употреба на нуклеарно оружје, веројатно во форма на демонстрација на сила а не на намерно уништување Украинци. Но, таквите позиции на Москва може да се променат. Русија е (каква-таква) демократија, па на изборите во септември може да се очекува опаѓање на влијанието на партијата Единствена Русија на Путин. Кандидати за радикализација, како и секаде во светот, има и во Русија, па она што европските политичари го сметаат за „блеф“ на Путин дека ќе употреби нуклеарно оружје може да стане реалност со некој друг политичар.
Сигурно се прашувате: Ако Америка ја загуби војната со Иран и се повлекува од Блискиот Исток, не ли може истото да се случи и со Русија во Украина? Не. Русија го смета ширењето на НАТО во Украина за „егзистенционална закана“ и спремна е да оди „до крај“. Исто како што Америка би одела „до крај“ кога Кина или Русија би отвориле воени бази во Мексико, на пример. Иран не е „егзистенционална закана“ за Америка, но неговата контрола на Ормускиот теснец е посилна од атомска бомба и може да доведе до пропаст на светската економија. Вклучувајќи ја и онаа на САД. Затоа и Америка се согласи да ја изгуби војната. Нешто што не може да се очекува од Русија во војната против НАТО во Украина.






